Бискупот Стојанов го предводеше обредот Мака Господова во Скопската катедрала

Бискупот Стојанов го предводеше обредот Мака Господова во Скопската катедрала

На Велики Петок, 2 април 2021 година во Скопската катедрала „Пресвето Срце Исусово“ Н.В.П. д-р Киро Стојанов го предводеше обредот Мака Господова. Со бискупот Стојанов сослужуваа катедралниот парох дон Паво Шекерија и бискупскиот канцелар о. Марјан Ристов. Обредот Мака Господова се состои од три дела: служба на Словото, откривање и поклонување на Светиот Крст и света Причест.

Пригодна проповед упати бискупскиот канцелар о. Марјан Ристов кој на самиот почеток истакна: Денес се собравме во овој храм да ја искажеме нашата почит кон нашиот Господ Исус Христос и достојно да го положиме во неговиот гроб, како што тоа го направи Јосиф од Ариматеја заедно со Никодим и жените кои одеа по Исус Христос. Затоа денес да се запрашаме самите себе си на која група луѓе од Светото Евангелие припаѓаме. На кого сум јас сличен од овие луѓе?

Осврнувајќи се неделното Евангелие во кое народот радосно го дочекува Месијата во Ерусалим, а денес е во сосема друго издание запраша: Кој сум јас? Кој сум јас пред мојот Господ? Кој сум јас пред Исус кој славно влегува во Ерусалим? Дали сум во состојба да му ја изразам својата радост, да го славам? Или се одделувам? Кој сум јас пред Исус кој страда?

Во понатамошниот дел од проповедта о. Марјан Ристов истакна: Слушнавме во Светото Евангелие за многу имиња, групи, водачи, некои свештеници, фарисеи, учители на законот, кои одлучиле да го убијат Спасителот. Барале прилика за да го фатат и осудат. Да се прашаме дали сум и јас како еден од нив? Слушнавме за Јуда, дали сум како него, кој за 30 сребреници го предаде својот Учител? Слушнавме и за учениците кои три години беа заедно со Учителот, но ништо не разбираат, тонат во сон додека Господ страда од помислата што го чека. Дали мојот живот е поспан? Или сум како учениците кои не разбираат што значи да го предадеш Исуса; или сум како оној другиот ученик кој со меч сака сѐ да реши: дали сум како нив?

Дали сум како Јуда кој се преправа дека го сака и со бакнеж го предава Учителот? Дали сум предавник? Дали сум како оние водачи кои на брзина во ноќта свикаа суд и побараа лажни сведоци: дали јас сум како еден од нив? И, доколку го правам тоа, дали мислам дека го спасувам народот? Дали сум како Пилат, па кога гледам дека ситуацијата е тешка си ги мијам рацете и не сакам да ја преземам сопствената одговорност и дозволувам луѓето да бидат осудени – или и јас самиот ги осудувам?

Дали сум како онаа толпа народ која вистински не знаела дали се наоѓа на верско собирање, на суд или во циркус и го избира Варава? На нив им е сеедно: забавно им било да го понижуваат Исус. Дали сум како војниците кои го удираат Господ, плукаат на Него, го навредуваат и се забавуваат понижувајќи го Господ? Дали сум како Киринеецот кој се враќа од работа уморен, но има добра волја за да му помогне на Господ во носењето на крстот? Или сум како Вероника која нашла сили за да му го избрише раскрвавеното лице на Спасителот?

Дали сум како оние кои поминувале покрај Крстот и го исмејувале Исус: „Ах… многу е храбар! Нека слегне од крстот, па ќе поверуваме во Него!“ Исмејување на Исус… Или сум како оние храбри жени и како Исусовата Мајка, кои биле таму и страдале во тишина? Дали сум како Јосиф, таен ученик, кој со љубов го носи Исусовото тело за да го погреба?

Дали сум како Марија која останува на вратата од гробот, плачејќи и молејќи? Дали сум како водачите кои подоцна отидоа кај Пилат и рекоа: „Тој, измамник, рече дека ќе воскресне: да не се случи уште една измама?“ и го запечатија гробот и ставија стража за да го чува гробот да никој не се доближи до него. И на тој начин да си ја оправдаат својата лага, мислејќи дека животот ќе го задржат во гробот? Каде е моето срце: на кого од овие луѓе јас сум сличен. Тоа прашање нека нѐ следи во текот на целиот наш земски живот.

Својата проповед о. Марјан Ристов ја заврши со зборовите: „“Затоа драги во Христа, со овие неколку животни прашања да се подготвиме најдобро што можеме за славното Христово Воскресение преку Светата Тајна Исповед и на тој начин да го дочекаме најголемиот празник и победата над смртта.“

к.мк

Категорија: Вести, Македонија

За авторот