А кој е мојот ближен?

А кој е мојот ближен?

Размислување за 25 Недела по Духови според Евангелието од Лука 10,25-37

Параболата за добриот Самарјанин ни зборува за тоа како Господ Исус Христос му објаснува на законикот, кој се интересирал, како да го наследи вечниот живот. На неговото прашање Спасителот одговора со параболата за добриот Самарјанин. Со неа Господ поучува дека нашиот ближен не е само оној кој е член на нашето потесно или пошироко семејство, екоој наш пријател или член на Црквата на која и припаѓаме, наш ближен е секој човек на кој му е потребна нашата помош.

Ако ја погледнеме смислата на параболата и ја споредиме со нашите животи, ќе видиме дека и на нас што често ни се случува, како што е опишано во денешната парабола: го знаеме законот, го проповедаме, го слушаме Божјото Слово во Црквата. Но дали тоа ни користи на нас, слушателите на Божјиот закон и дали го исполнуваме?

Од параболата гледаме дека старозаветниот свештеник бил горд слушател, а не исполнувач, тој се сметал себеси за избран од Бога и го знаел Светото Писмо, но немал љубов. Левитот кој служел во храмот во Ерусалим се збогатувал со проповеди секоја сабота, но немал љубов во своето срце и затоа сè што слушал, читал и гледал во храмот не му било од корист и не му помагал на својот ближен. .

Така е и во нашите животи. Доаѓаме во храмот, се молиме, слушаме проповеди, слушаме дека Бог нѐ љуби, слушаме како нѐ повикува на покајание, да имаме љубов еден со друг, да си помагаме, да се молиме еден за друг, да бидеме трпеливи, но некако не можеме сѐ да исполниме. Со задоволство сакаме некого да осудиме, и покрај тоа што сме свесни за сопствените слабости.

Па така Христос во разговор со законикот му ја открива најдлабоката смисла на човечките односи и љубовта кон ближниот. Тоа е љубов која ги надминува сите препреки во животот. Ајде да размислиме: човекот што настрадал од разбојниците бил Евреин и затоа Самарјанецот немал право да го допира, но тој не го почитувал овој закон, туку постапил според законот на љубовта. Во тој момент се водел од чувствата на неговото милосрдно срце. Така Самарјанинот станал близок со оние кои не сакале ни да разговараат со него.

Милостивиот Самарјанин покажал голема љубов, а оние што гордо само поминаа останаа надвор од љубовта. Рамнодушноста кон човекот во потреба е голема навреда кон Господ Исус Христос. Тоа е во спротивност со духот на нашата вера. Само милоста и љубовта можат да се спротивстават на страшните зли духови кои завладеале со многу луѓе на овој свет.

Каков заклучок ќе извлечеме од денешната евангелска порака. Не треба само да го знаеме Светото Писмо, не само да го слушаме Словото Божјо во Црквата, не самоо читаме дома, но ако нема љубов и милост во нашите срца, нема да бидеме спасени. Денеска да погледнеме наоколу: колку многу има луѓе со раширени раце, кои се наши ближни, а се во потреба, ранети, паднати, кои очекуваат подадена рака, чекаат да ги повиеме нивните рани со елејот на евангелската радост и надеж, да ги внесеме во Црквата. Да не поминуваме рамнодушно покрај нив, туку да застанеме и да се наведнеме да им помогнеме, со она што го можеме. Ако немаме доволно, Господ во денешната евангелска парабола вели дека ќе се врати да доплати, ако треба уште нешто.

Колку би било убаво на крајот на времињата Господ да ни каже: Елате, благословени од Мојот Отец; наследете го царството, приготвено за вас од почетокот на светот; оти, гладен бев и Ми дадовте да јадам; жеден бев и Ме напоивте, странец бев и Ме примивте; необлечен бев и Ме облековте; болен бев и Ме посетивте; во затвор бев и дојдовте при Мене. Амин.

к.мк

Категорија: Вера, Проповеди

За авторот