Аудиенција за учесниците на Библиската недела во Италија

Од понеделник 12 септември до петок 16 септември 2016 година, во Рим се одржа Библиска недела на Италијанското Библиско здружение. Во просториите на Папскиот библиски институт, се одржаа низа предавања и работни дискусии на тема „Поларитет на мажите и жените во Светото Писмо“.

Учесниците имаа можност да слушаат предавања на истакнати професори за Светото Писмо од Рим, Виена, Љубљана, Милано. Во Ватикан во четвртокот, на 15 септември, папа Фрањо ги прими сите учесници на семинарот и Библиското здружение на посебна аудиенција. Еве извадок од неговиот говор.

Драги пријатели, работевте на темата „Да создадеме човек… машко и женско: дефинирање на поларитетот на маж – жена во Светото Писмо“. Продлабочивте некои аспекти на односите на мажите и жените, почнувајќи од основните библиски текстови. Иван Павле II на оваа тема посвети бројни важни катахези во првиот дел од својот понтификат. И јас во текот на една минатогодишна катехеза, коментирајќи ја Првата глава за создавањето нагласив  дека „Бог, откако го создаде светот и сите живи суштества, создава ремек дело, односно човечко суштество, на своја слика: „според  образот Божји го создаде, машко и женско ги создаде“ (1.Мој. 1,27) (Генерална аудиенција, 15 април 2015 година)

„Од суштинско значење“ продолжува Папа Фрањо, „е да се размислува за тоа како сме создадени, обликувани на слика и подобие на Творецот, различни од останантите созданија и сето созданија. Тоа ни помага во сфаќањето на достоинството кое го имаме како мажи и жени, достоинството вкоренето во самиот Творец. Нашето достоинство е достоинство на децата Божји, а во Светото Писмо тој однос се гледа во фактите дека нас Тој нè води, како што Отецот го води синот. Во вториот извештај за создавањето, Бог го создава светот како занаетчија, уметник, обликувајќи го од кал, земја, што значи дека Божјите раце се вмешани во нашиот живот. Нас не нè создаде само со своите зборовви, туку и со своите раце и животен здив како да сакаше да каже дека Бог со сè свое имал удел во давањето живот на човечкото суштество“.

„Но тоа достоинство, од Бога дадено, може да се намали“, предупредува Папата. „Со фудбалски речник, човекот има можност сам себе да си даде гол, „автогол“. Тоа се случува кога го доведуваме во прашање достоинството, кога го прифаќаме идолопоклонството, кога во своето срце оставаме место за идоли. Во текот на излегувањето од Египет, додека народот беше уморен и чекаше Мојсеј да се симне од гората, народот е искушуван од ѓаволот за да си направи за себе идол (2.Мој. 32). Идолот беше златен. Во секој идол има нешто златно! Тоа укажува на привлечната сила на богатството, на фактот дека човекот го губи своето достоинство кога во неговото срце богатството го зазема Божјото место“.

„Но Бог ни даде достоинство на Божји деца. Од тука произлегува и прашањето: како може да го делам тоа достоинство, тоа да се развива во позитивен реципроцитет? Што можам да направам за другите да го почуствуваат тоа достоинство? Како може другиот да го заразам со тоа достоинство? Кога некој потценувам, делам, дискриминирам, не се шири достоинството, туку се случува обратното. Добро е да се запрашаме: Како го прифаќам своето достоинство? Како да го градам? Добро е и да се преиспитаме, и да откреиме дали и кога не го шириме достоинството на нашите ближни“, заврши папа Фрањо, заблагодарувајќи на нивната важна работа, доверувајќи ги во своите молитви.

РВ/к.мк

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцјата на Католици.мк
Категорија: Ватикан

За авторот