На крајот од Генералната аудиенција Папата повторно повика на прекин на конфликтот во Украина, особено поздравувајќи ги децата примени од двете организации формирани по катастрофата во Чернобил и Украинската амбасада при Светиот Престол.
По катехезата на Генералната аудиенција, во среда 30 март 2022 година, папата Фрањо упати срдечен поздрав, придружен со долги аплаузи, до украинските деца чии домаќини се Фондацијата „Да им помогнеме да живееме“, здружението „Пуер“ и Украинската амбасада при Светиот Престол. Поздравот Папата го искористи за да упати уште една осуда на ужасот од кој крвари европскиот исток.
Со овој поздрав до децата, повторно мислиме за ужасите на војната и ги обновуваме нашите молитви да престане оваа дива суровост на војната – рече Папата. Во овој последен дел од постот, додаде тој, да го погледнеме Христовиот крст, највисокиот израз на Божјата љубов и да се трудиме секогаш да бидеме блиску до оние кои страдаат, кои се сами, слабите кои страдаат поради насилството и нема кој да ги заштити.
Со малите од катастрофата во Чернобил до денес
Мисијата на Puer е да примени мерки за поддршка на несигурната социјална реалност, со посебен фокус на заштитата на малолетниците кои живеат во сиромаштија. Историјата на оваа асоцијација посебно е поврзана со драматичната експлозија на реакторот во нуклеарната централа во Чернобил, што се случи на 26 април 1986 година. Оттогаш, благодарение на здружението, илјадници деца, претежно од Белорусија, која е најпогодена од радијацијата, се сместени во незагадени области.
И Фондацијата „Да им помогнеме да живееме“ исто така беше охрабрена од вредниот придонес на луѓето со добра волја кои спонтано тргнаа да им помогнат на децата погодени од нуклеарната катастрофа во Чернобил. Во изминатите денови, делегација на фондацијата отпатува во земјите кои граничат со Украина за да однесат хуманитарна помош, вклучувајќи храна, облека, ќебиња, обувки и лекови.
Скратено детството
Најмалку 144 деца загинаа во конфликтот што избувна во Украина на 24 февруари, објавија украински извори, истакнувајќи дека речиси 50 отсто од тие деца ги загубиле животите во Киев. Покрај тоа, според податоците објавени од УНИЦЕФ, најмалку 4 милиони и 300.000 деца се раселени, во соседните земји, како и во Украина. Војната предизвика едно од најбрзите раселувања на деца од Втората светска војна, рече генералниот директор на УНИЦЕФ Кетрин Расел, истакнувајќи дека тажниот исход може да има трајни последици за идните генерации.
Ватикан њуз/к.мк