Последната недела од литургиската година го славиме празникот на Христос Цар на целото создание.
Негово е царството, царство на водството, служењето и царство кое на крајот на времето ќе биде потврдено како суд – истакна папата Фрањо на почетокот на својот пладневен наговор на плоштадот Свети Петар, во Ватикан на 27 ноември 2017 година и продолжи: Денес го имаме пред нас Христос како цар, пастир и судија, кој ги познава критериумите според кои се припаѓа на Царството Божјо.
Евангелскиот дел започнува со големата визија – рече Папата цитирајќи го Евангелието – Исус обраќајќи се на своите ученици им вели: „А кога ќе дојде Синот Човечки во Својата слава и сите свети ангели со Него, тогаш ќе седне на престолот на славата Своја.“ Се работи за свечен вовед во параболата за последниот суд. Откако го проживеал земскиот живот во понизност и сиромаштво, Исус ќе се појави во божествената слава која му припаѓа, опкружен со ангелските чети, рече Светиот Отец толкувајќи дека целото човештво ќе биде повикано пред Него и Он ќе ја изврши својата власт разделувајќи ги едни од други, како што пастирот ги разделува овците од козите.
Папата Фрањо продолжи: На оние кои ги ставил на десната страна ќе им каже: „Елате, благословени од Мојот Отец; наследете го царството, приготвено за вас од почетокот на светот; оти, гладен бев и Ми дадовте да јадам; жеден бев и Ме напоивте, странец бев и Ме примивте; необлечен бев и Ме облековте; болен бев и Ме посетивте; во затвор бев и дојдовте при Мене.“ Праведниците остануваат изненадени – рече Папата – затоа што не се сеќаваат дека некогаш го сретнале Исус и уште помалку дека му помогнале на тој начин; но Тој изјавува: „Доколку сте го направиле тоа на еден од овие Мои најмали браќа, Мене сте Ми го направиле.“
Овие зборови никогаш нема да престанат да нè погодуваат во нашата внатрешност, затоа што ни откриваат до каде достигнува љубовта Божја: сѐ до таму што Бог се поистоветува со нас, но не кога сме добро, кога сме здрави и среќни, не, туку кога сме во потреба. На тој сокриен начин Тој дозволува да го сретнеме, нè држи за рака како питач. Така Исус го открива одлучувачкиот критериум за својот суд, а тоа значи конкретна љубов кон ближниот во неволја. И така се врши моќта на љубовта, царската Божја власт која се сочувствува со оние кои страдаат за насекаде да предизвика однесување и дела на милосрдието.
Параболата за судот – објасни папата Фрањо – продолжува со претставување на царот кој ги отфрла оние кои во текот на својот живот не се грижеле за браќата во потреба. И тие остануваат изненадени и прашуваат: „Господи, кога Те видовме гладен, или жеден, или странец, или необлечен, или болен, или во затвор, и не Ти послуживме?“ Се подразбира – рече Папата: „Да те видевме, сигирно ќе те послуживме!“ Но царот ќе им одговори: „Доколку не сте го направиле тоа на еден од овие најмали браќа и Мене не сте Ми го направиле.“ На крајот од нашиот живот – рече Папата – ќе бидеме судени според љубовта, односно според нашата конкретна љубов и служење на Исус во нашите најмали и браќата во потреба.
Исус ќе дојде на крајот на времето за да им суди на сите народи – потврди Светиот Отец. Но, Тој доаѓа секој ден на многу начини и бара од нас да го прифатиме. Нека Дева Марија ни помогне да го сретнеме и да го примиме во Неговото Слово и во Евхаристијата, а во исто време и во браќата и сестрите кои страдаат заради глад, болест, угнетување и неправди. Нека нашите срца го прифатат во нашиот сегашен живот затоа што Тој нè прифатил во вечноста на своето Царството на светлината и мирот.
Веста за масакрот кој се случи во џамијата на северот од Синај, многу нè ражалости – изјави папата Фрањо по молитвата Ангел Господов и додаде – и понатаму се молам за бројните жртви, за ранетите и за целата заедница која толку страшно е погодена. Нека Бог нè ослободи од тие трагедии и ги поддржи во напорите на сите оние кои работат за мирот.
Во Кордоба во Аргентина – рече Папата – вчера е прогласена за блажена мајка Каталина де Марија Родригез, основателка на првата женска конгрегација на апостолски живот во Аргентина. Живеела во 19 век, најпрво во брак, а потоа како вдовица, потоа се посветила на Бог преку духовна и материјална грижа за најсиромашните и најранливите жени. Да го славиме Господ заради таа жена која горела за Срцето Исусово и за човештвото.
Поздравувајќи ги ходочасниците од сите страни на светот, а посебно Украинците кои овие денови се присетуваат на трагедијата на милионските жртви заради глад која ја предизвика сталинистичкиот режим, Светиот Отец поттикна на молитва за Украина со сила на верата да помогне да се излекуваат раните на минатото и да се промовира мир и го заврши својот пладневен наговор, навестувајќи го свој пат во Мјанмар и Багладеш и препорачувајќи се во молитвите.
РВ/к.мк