Бог повикува на живот, вера и одредена состојба на живот – истакна папата Фрањо на 17 јануари 2021 година пред молитвата Ангел Господов во библиотеката на Апостолската палата и додаде: Брачниот живот, свештенството и посветениот живот се различни начини за постигнување на планот што Бог го има со секој од нас и секогаш е план на љубов.Говорот на папата Фрањо го пренесуваме во целост.
Драги браќа и сестри, добар ден!
Евангелието од оваа втора недела од литургиската година (сп. Иван 1, 35-42) ја претставува средбата на Исус со неговите први ученици. Настанот се случува близу реката Јордан, еден ден по крштевањето на Исус. Самиот Иван Крстител им го покажува Месијата на двајца од нив со овие зборови: „Еве го Јагнето Божјо!“ (р. 36). А тие, верувајќи во сведоштвото на Крстителот, одат по Исус. Тој ги забележува и ги прашува: „Што барате?“, а тие го прашаа: „Господи, каде живееш?“ (р. 38).
Исус не одговора: „Јас живеам во Капернаум или во Назарет“, туку вели: „Дојдетеетеи види“ (р. 39). Тоа не е визит карта, туку покана за средба. Двајцата го следеа и останаа со него тоа попладне. Не е тешко да се замислат како седат и му поставуваат прашања и пред сè го слушаат, чувствувајќи како во нивните срца, додека зборува Учителот, се шири топлина. Тие ја чувствуваа убавината на зборовите кои одговараат на нивната најголема надеж. И одеднаш откриваат додека насекаде околу нив се спушта темнина, во нив, во нивните срца, избувнува светлина со сета своја сила, која може само Бог да ја даде. Една работа привлекува внимание: еден од нив, шеесет години подоцна, или можеби и повеќе, напиша во Евангелието: „Беше околу четири часот попладне“ (сп. Иван. 1,39), го напиша точниот час. И тоа е нешто што не тера да размислуваме: секоја автентична средба со Исус останува живо врежана во сеќавањето, никогаш не се заборава. Многу средби се забораваат, но вистинската средба со Исус останува секогаш. И овие двајца, многу години подоцна, се сеќаваат дури и на часот, едноставно не можеа да ја заборават таа средба, која беше толку радосна, толку исполнета, па дури им ги промени и животите. Подоцна, по завршувањето на средбата и откако ќе се вратат кај своите браќа, таа радост, таа светлина незадржливо избива од нивните срца како надојдена река, која е пред излевање од коритото. Еден од нив, Андреј, му вели на својот брат Симон, кого Исус ќе го нарече Петар кога ќе се сретне со него: „Го најдовме Месијата“ (р. 41). По средбата тие се станаа сигурни дека Исус е Месијата, сигурно.
Да се задржиме на момент на ова искуство на средба со Христос, кој ги повикува луѓето да останат со него. Секој Божји повик е иницијатива на неговата љубов. Секогаш Тој е оној кој презема иницијатива, тој те повикува. Бог повикува на живот, повикува на вера и повикува на одредена состојба во живот: „Те сакам овде“. Првиот Божји повик е повикот на живот што нè прави личности; тоа е индивидуален повик, бидејќи Бог не ги прави работите сериски. Понатаму, Бог нè повикува на вера и да бидеме дел од неговото семејство, како Божји деца. На крајот, Бог повикува на одредена состојба во живот: да се даруваме во брачен живот, на патот на свештенството или посветен живот. Ова се различни начини за остварување на Божјиот план, планот што тој го има за секој од нас, а тоа е секогаш планот на љубовта. Бог секогаш повикува. А најголемата радост за секој верник е да одговори на тој повик и да се даде самиот себе во служба на Бога и на своите браќа.
Браќа и сестри, соочени со Господовиот повик, кој може да допре до нас на безброј начини, па дури и преку други луѓе, среќни и тажни настани, понекогаш нашиот став може да биде став на отфрлање: „Не, се плашам…“, отфрлање затоа што ни изгледа дека ова е во спротивност со нашите стремежи, па дури и со стравот, затоа што сметаме дека е премногу напорно и воопшто не е лесно: „Нема тоа да ми успее мене, подобро не, подобро помирен живот … Бог таму, а јас тука“. Но, Божјиот повик е љубов, мора да се стремиме да ја пронајдеме љубовта која стои зад секој повик и на него да одговориме само со љубов. Тоа е разговор: одговорот на повикот што доаѓа од љубовта е само љубов. На почетокот има средба, и многу повеќе, средба со Исус, кој ни зборува за Отецот, ни овозможува да ја запознаеме неговата љубов. А потоа во нас се појавува желбата тоа спонтано да им го пренесеме на луѓето што ги сакаме: „Јас ја сретнав Љубовта“, „го сретнав Месијата“, „го сретнав Бога“, „го запознав Исус“, „Ја најдов смислата на мојот живот“. Со зборови: „Го најдов Бога“.
Девица Марија нека ни помогне да ги направиме нашите животи да бидат пофалба на Бога, како одговор на неговиот повик и понизно и радосно исполнување на неговата волја. Но, да го запаметиме ова: за секој од нас, во животот, постои момент во кој Бог јасно стана присутен со еден повик. Да го запаметиме. Да се вратиме на тој момент, така што сеќавањето на тој момент секогаш ќе нè обновува во нашата средба со Исус.
Ватикан њуз/к.мк