Папата Фрањо во недела 16 јули 2020 година пред молитвата Ангел Господов, која се одржа на плоштадот Свети Петар во Ватикан, зборуваше за двете кратки Исусови параболи: за скриеното богатство и скапоцениот бисер. Говорот на папата Фрањо го пренесуваме во целост.
Драги браќа и сестри, добар ден,
Евангелието од оваа недела (сп. Матеј 13,44-52) ги донесува последните редови од поглавјето од Евангелието според Матеј кои се посветени на Царството Божјо. Делот опфаќа три параболи кои само што беа скицирани и се кратки: за скриеното богатство, за скапоцениот бисер и за мрежата фрлена во море.
Ќе се задржам на првите две во кои Царството Божјо се споредува со две „скапоцени“ реалности, како што е скриеното богатство на нива и скапоцениот бисер со голема вредност. Реакцијата на оној кој ги наоѓа скапоцениот бисер и скриеното богатство е иста: и човекот и трговецот продаваат сѐ за да го купат она што им е на срце. Со тие две слични реалности Исус сака да нѐ вклучи во изградбата на Божјото царство, покажувајќи важна карактеристика од христијанскиот живот, живот на Царството Божјо: Во Царството Божјо влегуваат потполно оние кои се подготвени да стават сѐ на коцка и така да ја напуштат својата материјална сигурност. Тоа ни помага да сфатиме дека изградбата на Божјото царство бара не само милост, туку и човечка ефективна расположливост. Сѐ прави милоста, се! Ние треба само да имаме подготвеност да ја примиме, а не да се спротивставуваме на милоста: милоста прави сѐ, но е потребна и „мојата“ одговорност, „мојата“ подготвеност.
Гестовите на тој човек и трговецот кој се впуштаат во барањето, лишувајќи се од сопствените добра, како би ги купиле тие најскапоцени реалности, се одлучни и радикални, тие само чекорат напред, кај нив нема повлекување, нема малку напред, па малку назад. Напротив, тоа го прават со радост, затоа што и двајцата го пронашле богатството. Повикани сме да ги усвоиме ставовите на тие двајца од Евангелието, затоа што двајцата го пронашле богатството. Повикани сме да ги прифатиме ставовите на двајцата од Евангелието, станувајќи и самите во добра смисла немирни баратели на Божјото Царство. Се работи за тоа да го напуштиме тешкиот товар на нашата световна сигурност која нѐ спречува во барањето и градењето на Царството Божјо, а тоа се: желба за поседување, жед за заработка и моќ, да мислиме само на себе.
Во денешно време, на сите ни е тоа познато, животите ана некои луѓе можат да бидат просечни и да потонат во мртвило, најверојатно затоа што не оделе да го бараат вистинското богатство: се задоволиле со привлечното, но површни работи, работи кои блескаат со светкав, но лажен сјај, затоа што покасно остануваат во темнина. Светлото на Царството,, напротив, не е огномет, туку светлост; огнометот трае само еден момент, светлото пак на Царството нѐ следи низ целиот живот.
Царството Божјо е спротивно на површните работи кои ги нуди светот, спротивно е на баналниот живот. Тоа е богатство кое секојдневно го обновува животот и го отвора пошироко за погледите. Имено, кој го има најдено тоа богатство, има срце кое создава и бара, кое не повторува, туку измислува нови работи, зацртувајќи и минувајќи низ нови патишта кои нѐ водат кон тоа вистински да го љубиме Бог, другите и себе. Знак на оние кои одат по тој пат на царството е креативноста, секогаш бараат повеќе. А креативноста го зема животот и го дава, и дава сѐ повеќе и повеќе… Секогаш бара различни начини да даде живот.
Исус кој е скриено богатство и скапоцен бисер со голема вредност, не може, а да не предизвика радост, целата радост на светот: радост што сме ја откриле смислата на сопствениот живот, радост заради чувството на ангажираност во авантурата за светост.
Пресвета Дева нека ни помогне секој ден одново да го бараме богатството на Царството Божјо, и со нашите зборови и дела да се покаже Божјата љубов која Бог ни ја дарува преку Исус.
Ватикан њуз/к.мк