Папата Фрањо во своето пладневно обраќање во недела, 17 септември 2023 година, се осврна на евангелскиот дел од неделната Литургија во кој Исус преку парабола говори за бескрајната Божјо милосрдие. Дали чувствуваме дека Господ ни прости и дали сме сведоци на неговата љубов простувајќи му на оној што нè повредил? Простувајќи, го сееме тој, инаку невозможен „нов живот“ околу нас.
Простувањето добиено од Бога, а кое треба да му го дадеме на ближниот не е како необврзувачко добро дело, туку како основно однесување за да можеме да се нарекуваме христијани. Ова беше главната мисла на неделното обраќање на папата Фрањо.
До седумдесет пати седум
Светиот Отец се осврна на делот од Евангелието според Матеј кој го опишува дијалогот меѓу Петар и Исус, кога ученикот го прашува Учителот колку пати треба да му прости на својот брат и вели: До седум пати? Папата ја истакна великодушноста на Петар, но одговорот што го доби оди многу подалеку: „Не ти велам до седум, туку до седумдесетпати по седум“, му одговара Исус.
Односно му вели дека кога простуваш не се калкулира, дека е добро да простиш сѐ и секогаш! Токму како што прави Бог со нас, и како што се повикани да прават оние кои го делат Божјото простување: ние секогаш треба да простуваме. Ова е она што секогаш им го велам на свештениците и исповедниците: Секогаш простувајте како што простува Бог.
Бог простува неизмерно
Папата потоа ја сумираше параболата кажана од Исус, во која сочувството на царот, на кого слугата мора да му врати огромна сума, е во спротивност со однесувањето на истиот тој слуга кон неговиот пријател кој му должи многу помал долг. Царот му ја простува таа сума на слугата, додека тој пак го го фрла својот пријател во темница. Да не заборавиме кој е Божјиот пат. Бог е близок, сочувствителен и нежен, тоа е Божјиот начин на постоење – додаде Папата и нагласи:
Исусовата порака е јасна: Бог простува на неизмерен начин, преку секоја мерка. Тој е таков, делува од љубов и бесплатно. Бог не може да се купи, Бог е слободен, сè е бесплатно. Не можеме да му возвратиме, но кога му простуваме на брат или сестра, го наследуваме. Затоа, простувањето не е добро дело што може да се направи или да не се направи: тоа е основен услов за оние кои се христијани.
Простувањето е извор на надеж и мир
Истакнувајќи дека простувањето го карактеризира христијанинот затоа што секој од нас е оној на кого му е простено, Римскиот епископ истакна дека Божјото милосрдие е бескрајно и недостижно, но простувајќи си еден на друг можеме да сведочиме з неговата љубов и да ја шириме околу нас:
Без простување, имено, нема надеж; без простување нема мир. Простувањето е кислородот што го прочистува воздухот загаден од омраза, тоа е противотров што ги лекува отровите на незадоволството, тоа е начинот да се ублажи гневот и да се излечат многуте болести на срцето кои го загадуваат општеството.
Простувањето и нам ни прави добро
На крајот папата Фрањо ги поттикна верниците да си постават неколку прашања. Дали верувам дека од Бог добив дар на неизмерно простување? Дали ја чувствувам радоста кога знам дека Он е секогаш подготвен да ми прости кога ќе паднам, дури и кога другите не го прават тоа, дури и кога јас не можам да си простам? Дали верувам дека Тој простува? Може ли да им простам на оние што ме повредија? Во врска со тоа потоа Светиот Отец предложи „мала вежба“:
Секој од нас нека се обиде да мисли на личноста која нè повредила, секој од нас нека мисли на една личност и да побара од Господа сила да му прости. И да му простиме на тој човек од љубов кон Господа: браќа и сестри, ќе биде добро за нас, ќе го врати мирот во нашето срце.
Ватикан њуз/к.мк