Секогаш во брзање, преокупирани со илјада работи, не наоѓаме време да застанеме и да ги слушнеме оние што ни се обраќаат. Во своето пладневно обраќање во недела 5 септември 2021 година, папата Фрањо се осврна на заздравувањето на глувонемиот за кои се зборува во Евангелието по Марко.
‘Ефата’, ‘Отвори се’! Во своето пладневно обраќање од прозорецот на Апостолската палата папата Фрањо се осврна на еден пасус од Евангелието по Марко што зборува за исцелување на глувиот и тепкавиот и ја истакна важноста на тишината и слушањето. Настанот во Евангелието ја нагласува потребата за двојно оздравување: она од болеста и физичкото страдање, и она за што зборуваше Папата, а тоа е оздраввуање на срцето.
И покрај тоа што Исус го замолиле само да ја положи раката над глувиот и тепкавиот, Исус го одведе настрана и направи посебен гест, насочувајќи го погледот кон небото и го оздрави. Тој го прави ова – објасни Папата – затоа што состојбата на таа личност има посебна симболичка вредност и има што да каже за сите нас. Се работи за глувоста. Тој човек не можеше да зборува затоа што не можеше да слуша.
Токму во врска со големата важност на слушањето, Папата предупреди на опасноста да станеме недостапни, бесчувствителни на сѐ и глуви, дури и за децата, младите, постарите и многумина на кои не им се толку потребни зборови и проповеди, туку им треба некој за да ги слуша. Да размислиме за семејниот живот; колку пати се зборува пред да се слушне другиот, секогаш повторувајќи ги истите рефрени!- забележа Папата и изрази загриженост за човештвото, кое се затвора во привидна самосталност во која на крајот се изолира од Бога, а често и од својот ближен.
Сите имаме уши, но честопати не слушаме. Всушност, постои внатрешна глувост; но, денес можеме да се молиме Исус да ја допре и да ја излечи. Таа е полоша од физичката, бидејќи тоа е глувост на срцето. Во брзање, преокупирани со илјада работи што треба да ги кажеме и направиме, не наоѓаме време да застанеме и да ги слушнеме оние што ни се обраќаат – забележа Папата и ги охрабри сите верници, особено свештениците да го слушаат народот, да не брзаат, туку да ги слушаме луѓето и да видиме како можеме да им помогнеме.
И во Евангелието, кога го прашале Исус која е првата заповед, тој одговара: „Чуј, Израеле“. Истото важи и со Господ. Добро ни оди кога го опсипуваме со барања, но би било подобро ако прво го слушаме. Исус е Словото; ако не застанеме да го слушаме, ќе замине понатаму. Слушањето е исто така – продолжи Папата – главниот пат за да се поврзат повторно конците на прекинатиот дијалог. Обновата на дијалогот честопати не оди преку зборови, туку преку молчење, преку неспротивставување, преку повторно трпеливо слушање на другиот, неговите напори, она што го носи во себе. Оздравувањето на срцето започнува со слушање – истакна Папата.
На крајот Светиот Отец напомена дека состојбата на духовното здравје на секој човек зависи од времето што ќе го посвети на евангелието. Еве го лекот – рече – секој ден малку тишина и слушање, неколку бескорисни зборови помалку и неколку зборови Божји повеќе. Да ги почувствуваме дека се насочени кон нас, како Исусовиот збор на денот на крштевањето, „Ефата“, „Отвори се“! Исусе, сакам да се отворам за твоето слово(…) Исцели го моето срце од затвореност, брзање и нетрпение.
Богородица, која е отворена за слушање на Словото што стана тело во неа, нека ни помага секој ден да го слушаме нејзиниот Син во Евангелието, и нашите браќа и сестри со расположливо, трпеливо и внимателно срце – рече папата Фрањо.
Ватикан њуз/к.мк