Служењето и пофалбата беа во центарот на зборовите на Папата во пладневното обраќање пред молитвата Ангел Господов на празникот Вознесение на Пресвета Богородица во небо. Папата го пофали волонтерството и ги даде Исуса и Марија како пример: и двајцата „се воздигнуваат во височините славејќи го Бога и служејќи им на своите браќа и сестри“.
Исус и Марија, два животи кои ја победуваат смртта и повторно воскреснуваат; тие поминуваат по истиот пат, славејќи го Бога и служејќи им на своите браќа и сестри. Исус како Откупител, човекот кој го дава својот живот за нас, за наше оправдување; Марија како слугинка оди да служи.
Пофалбата и служењето се два аспекта кои папата Фрањо ги истакна во своето пладневно обраќање пред молитвата Ангел Господов на празникот Вознесение на Пресвета Богородица во небо, во вторник 15 мај 2023 година, обраќајќи им се на верниците собрани на плоштадот Свети Петар. Како што Синот оди во Ерусалим за да се предаде на крстот, така и Богородица, која денес ја гледаме како се вознесува со телото и душата во небесната слава, оди во ридскиот крај (Лука 1,39) за да и помогне на својата роднина Елисавета“.
Волонтирањето е љубов која го воздигнува животот
Кога се наведнуваме да им служиме на нашите браќа и сестри, се воздигнуваме – истакна Папата – љубовта е таа што го воздигнува животот. Но, патот на служењето не е лесен: Богородица, која штотуку го зачна Исус, помина речиси 150 километри за да стигне од Назарет до куќата на Елисавета! Се восхитувам на волонтерството. Помагањето кошта! – забележа Римскиот епископ. Тоа го доживуваме и ние, во напорите, трпението и грижата со кои се опфаќа грижата за другите.
Да помислиме, на пример, за километрите што многумина ги минуваат секој ден за да стигнат до работа и да се вратат и да извршуваат бројни задачи во корист на своите ближни; размислете за жртвуваното време и сонот при грижата за новороденче или постара личност; како и за ангажирање со служење на оние кои немаат со што да возвратат, во Црквата како и при волонтирањето. Тешко е, но така се воздигнуваме, така го заслужуваме небото!
Служењето и пофалбата се духовно здравје
Меѓутоа, служењето без пофалба на Бог може да биде стерилна. Дали сте виделе дека досадните луѓе, оние кои живеат од озборување, не се способни за пофалби? Запрашајте се: дали можам да пофалам? – поттикна Папата и додаде: Има луѓе кои секојдневно се жалат. Но види дека Бог е блиску до тебе, дека те создал, погледни се што ти дал. Пофалба, пофалба! Тоа е духовно здравје.
Нема жалење и поплаки
Кога Марија влегува во куќата на својата роднина, таа Го прославува Господа; не зборува за умор поради долгото патување – забележа Папата. Кој го љуби Бога знае што е благодарност. И денешното Евангелие ни покажува „излив на пофалби“: Детето заигра од радост во утробата на Елисавета.
Пофалбата ја зголемува радоста. Пофалбата е како скала: ги крева срцата кон небото. Пофалбата го воздигнува духот во небо и го победува искушението на депресија. Колку е добро да се фали Бог и другите секој ден! Колку е добро да живееш со пофалба и благослов наместо да се жалиш и да приговараш, да креваш глава и да не го обесуваш носот!
Како Марија
Затоа папата Фрањо ги охрабри сите да се соочат со димензиите на служењето и пофалбите.
Да се обидеме да се запрашаме во тој поглед: дали ја живеам мојата работа и секојдневните грижи во духот на служење? Дали се дарувам за некој бесплатно, без да барам непосредна корист? Накратко, дали служам, што е „отскочна даска“ во мојот живот? И размислувајќи за пофалбата: дали и јас знам да воскликнам кон Бога како Марија (сп. Лука 1, 47)? Дали го благословувам Господа во молитва? И, откако воздигнав пофалба, ја ширам ли неговата радост меѓу луѓето кои ги сретнувам?
Ватикан њуз/к.мк