Осврнувајќи се во пладневниот говор на литургиското евангелие од неделната Литургија папата Фрањо ги поттикна верниците покрај материјалните добра да ги откријат и даровите на животот, но и да се ослободат од верувањето дека веќе знаат сè. Целта е да се биде понизен, отворена личност, без предрасуди и крутост, рече Папата и истакна дека е интересно што Исус, иако опкружен со многу народ ги навестува блаженствата, обраќајќи им се на своите ученици.
Себичноста увеличува, а потоа остава празнина во срцето – рече папата Фрањо во своето пладневно обраќање пред молитвата Ангел Господов во недела 13 февруари 2022 година и ги охрабри верниците да ја следат логиката на блаженствата кои – како што рече – го дефинираат идентитетот на Исусовите ученици. Во срцето на евангелието на денешната Литургија се токму блаженствата кои можеби звучат чудно, скоро неразбирливо за оној што не е ученик; ако пак се запрашаме каков е Исусовиот ученик, одговорот се токму блаженствата – истакна Светиот Отец.
„Блажени се бедните по дух“
„Блажени се бедните по дух, зашто нивно е царството небесно!“ – почнувајќи од првото блаженство, Папата го објасни, зборувајќи за Божјата логика. Исус им кажува на своите ученици две работи: дека се блажени и бедни; дека се блажени затоа што се бедни. Во која смисла? – праша и објасни: Во смисла дека ученикот на Исус не ја наоѓа својата радост во парите или другите материјални добра, туку во даровите што секојдневно ги добива од Бога: животот, целото создание, браќата и сестрите… А добрата што ги поседува, со задоволство ги споделува, бидејќи живее според Божјата логика која е бесплатна.
Меѓутоа, тоа сиромаштво важи и за смислата на животот. Исусовиот ученик не мисли дека нешто поседува, дека веќе знае сè, туку знае дека мора да учи секој ден. Затоа тој е понизен, отворена личност без предрасуди и крутост – рече Папата и спомна дел од Евангелието што го слушнавме на Литургијата минатата недела, во кој Симон Петар, искусен рибар, го прифаќа Исусовиот повик да ги фрли мрежите во невообичаено време, а потоа, зачуден од чудесниот улов, го остава коработ и сите добра и започнува да оди по Господ. Петар се покажува послушен, оставајќи сè зад себе и на тој начин станува ученик.
Напротив, оние кои се премногу приврзани за сопствените идеи и сигурност, навистина им е тешко да го следат Исус. Можеби го слушаат, но не го следат. Или, можеби, го следат кога им одговара – додаде Папата. Го следат само малку, само „во работите со кои се согласувам, а и тој се согласува со мене“. Тоа не е ученик. Така станува тажен. Станува тажен затоа што неговите сметки не се согласуваат, затоа што реалноста ги избегнува неговите ментални шеми и станува незадоволен. Ученикот, напротив, знае да се преиспитува самиот себе, знае понизно да го бара Бога секој ден, а тоа му овозможува да се продлабочи во реалноста, разбирајќи го нејзиното богатство и сложеност.
Парадоксот на блаженството
Со други зборови, ученикот го прифаќа парадоксот на блаженствата кои објавуваат дека е блажен, односно среќен е оној, кој е беден, на кој му недостасува многу нешта и сето тоа го препознава. Тоа не е човечка логика – забележа папата Фрањо и додаде: Човечки, склони сме да размислуваме на друг начин: среќен е оној кој е богат, кој е сит со добра, кому му плескаат раце и на кого многумина му завидуваат. Исус, напротив, световниот дух го прогласува за неуспешен, бидејќи се потпира на егоизмот кој увеличува, а потоа остава празнина во срцето.
Божја логика
Соочен со парадоксот на блаженството, ученикот се става во криза, свесен дека не треба Бог да влезе во нашата логика, туку ние во неговата. Но, за тоа е потребно е одење, понекогаш напорно, но секогаш придружено со радост. Зашто, првиот збор на Исус е: „блажен“. Тоа е синоним за Исусовите ученици. Ослободувајќи нè од ропството на егоцентризмот, Господ ја разбива нашата затвореност, ја омекнува нашата тврдост и нè отвора за вистинската среќа која често е онаму каде што не си ни замислуваме – рече Папата и ги поттикна верниците да си поставуват конкретни прашања.
Затоа, можеме да се запрашаме: дали како ученик сум на располагање? Или се однесувам круто како некој што чувствува за себе дека е во ред, дека е добар, дека успеал во животот? Дали дозволувам парадоксот на блаженството да ме „потресе одвнатре“ или останувам во границите на моите идеи? А сепак, покрај трудот и маката, ја чувствувам ли радоста да го следам Исус? Тоа е истакната карактеристика на учениците: радоста на срцето – истакна Папата и на крајот ја повика Богородица, првата Господова ученичка, да ни помогне да живееме отворени и радосни ученици.
Ватикан њуз/к.мк