Ангел Господов: Великиот пост е време на молитва и слушање на Божјото Слово

Ангел Господов: Великиот пост е време на молитва и слушање на Божјото Слово

Коментирајќи го евангелскиот дел од првата недела на Великиот пост, пред молитвата Ангел Господов во недела 18 февруари 2024 година, Папата повика да се чуваме од „ѕверовите на душата“, од оние немирни страсти кои внесуваат немир во нашите срца и нè растргнуваат. За да се бориме против нив, папата Фрањо поттикна на „повлекување во пустината“, како Исус, и да направиме простор за тишина и слушање на Бога. Така ќе можеме да се соочиме со нив, да ги победиме и повторно да ја откриеме складноста на душата

Диви ѕверови и ангелите. Тие му правеле „друштво“ на Исус во текот на четириесетте дена во пустината, опишани во евангелскиот пасус од Марко (Марко 1,12-15), „ И беше таму, во пустината, четириесет дни искушуван од сатаната; беше со ѕверови и ангелите Му служеја.“ (р. 13). За време на Великиот пост и ние сме повикани да „влеземе во пустината“, односно во тишина, во внатрешниот свет, слушајќи го срцето, во допир со вистината, истакна Папата, додавајќи дека симболично овие ѕверови „се и нашето друштво: кога ќе влеземе во внатрешната пустина, таму навистина може да сретнеме диви ѕверови и ангели.’

Пороци и страстите кои можат да не растргнат

Папата предупреди на големиот број „ѕверови“ кои го поделуваат срцето и се обидуваат да го поседуваат, „неуредните страсти кои влијаат на нас изгледаат заводливи, но, ако не внимаваме, ризикуваме да не распарчат“.

Можеме да им дадеме имиња на овие „ѕверови“ на душата: различни пороци, страст за богатство, која заробува во пресметки и незадоволство, суета на задоволството, која поттикнува на вознемиреност и осаменост, и уште повеќе, алчност за слава, што раѓа несигурност и постојана потреба од докажување и протагонизам и така натака. Тие се „дивите“ ѕверови и како такви мора да се скротат и победат: во спротивно ќе ни ја земат слободата. Мора да одиме во пустината за да го забележиме нивното присуство и да се соочиме со нив. А Великиот пост е време да го направиме тоа.

Служење, а не поседување

Но, Великиот пост е и вистинско време да ги слушнеме и ангелите, „Божјите гласници кои ни помагаат и ни прават добро“. Тие поттикнуваат „добри мисли и чувства предложени од Светиот Дух“, бидејќи нивната главна карактеристика е „служење“ што е спротивно од поседувањето.

Додека искушенијата нè растргнуваат, добрите божествени вдахновенија нè обединуваат во хармонија: го смируваат срцето, го вдахновуваат Христовото благоухание, „благоуханието на Небото“.

Папата ги поттикна верниците да препознаат кои „ѕверови“ создаваат немири во срцето, „добро е да ги препознаеме, да им дадеме име, да ги препознаеме нивните тактики“ за да не дозволиме да не растргнат.

Затоа Светиот Отец повторно го посочи правилниот начин како да се направи простор за Христа и да се спротивставиме на искушенијата: молитва, тишина, обожавање, слушање на Словото Божјо. Друг повик, кој папата Фрањо го упати до сите е „да не се плашат да влезат во пустината , затоа што само слушајќи го нашето срце можеме да ја разбереме вистината.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот