Алепо: Христијани делат храна на најсиромашните муслимани за Рамазан

Секој ден од почетокот на светиот месец за муслиманите Рамазан, посветен на молитвата и постот, Сиро-православната архипископија во Алепо обезбедува храна за вечера за најсиромашните муслимански семејства кои живеат во квартот „Сулејманија“. Храната се раздава во просториите на архипископијата во близина на катедралата посветена на свети Ефрем.

Во пораката од архипископијата распространета од медиумите иницијативата се претставува како обичен гест кој сака да го изрази чувството на солидарност кон сограѓаните кои припаѓаат на друга религија, со желба да придонесе за обновување на соживотот меѓу различните етнички и верски заедници, соживот кој беше белег на сириското општество пред војната.

Исто така во соопштението се наведува и дека конфликтот ги охрабри во многу случаи христијаните и муслиманите на гестови на меѓурелигиска солидарност, како во случајот со муслиманските деца сираци, кои пронајдоа засолниште во структурите кои се во сопственост на Црквата, откако зградата во која беа засолнати беше уништена при бомбардирањето.

РВ/В.Н.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк

Категорија: Свет

За авторот