Ако сум верник, треба тоа и да го покажам. Како?

Ако сум верник, треба тоа и да го покажам. Како? Па ќе бидам постојано ведар и насмеан, ќе поднесувам навреди, нема никому да му се спротивставувам, ќе премолчам ако ме навредуваат или навредат нешто мое, нема да го искажувам своето мислење. Со тоа ќе помагам на сите дури и кога гледам дека ме искористуваат. Да, ќе дозволам апсолутно на сите да ме искористуваат!

Ако се најдам во друштво кое не го признава Бог, нема да кажувам дека сум верник. Не е тоа толку важно за да го истакнувам. А и зошто кога таквите приказни само го разгоруваат огнот!? Малку ми е непријатно. Всушност ќе избегнувам такви друштва. И онака нема никаква смисла да ја сведочам верата на таквите.

Живеам во чистота, но ниту за тоа нема да кажувам никому. Ќе мислат дека сум „конзерва“. Нема да бидам искрен кон луѓето чисто за да не ги повредам и ќе бидам нежен. Да, нема да укорувам никој. Па ниту себе. И ќе бидам среќ… ќе бидам среќен?! Ќе бидам неавтентичен! Ќе бидам невидлив! Ќе бидам непотребен! Ќе бидам млак!

НЕ!!! Верникот е автентичен. Видлив. Храбар. Смел. Никако млак!

Кога сите осудуваат тој оправдува, кога сите оправдуваат тој се крева. Тој е оној кој зборува кога сите други молчат. Тој е оној кој помага кога никој друг не сака. Тој е оној кој излегува пред непријателот кога другите се сокриваат во дупката на глувчето. Тој е оној кој не може да се „влече за нос.“ Верник е оној кој знае дека има живот вечен во Бог и не се плаши да го загуби овој земскиот. Тој ти е често оној бунтовник што сите чудно го гледаат!

Оној кој оди против струјата, оној кој се фрла меѓу волците што само чекаат за да го распарчат. Тој е оган во студеното, искра на светлина во темнината. Тој е карпа за изморените, тврдина на немоќните. Тој гори од желба за да биде одбележан Исус Христос!

„Еве, ова ти заповедам Јас: биди цврст и храбар, не плаши се и не се ужасувај; зашто Господ, твојот Бог, е заедно со тебе, каде и да одиш.“ (Ису 1, 9)

М.Ќ./Млади католици/к.мк

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк
Категорија: Размислување

За авторот