Јубилејот и екуменизмот се плодови на Вториот ватикански собор

Јубилејот и екуменизмот се плодови на Вториот ватикански собор

Јубилејот на милосрдието и екуменизмот се плодови на Вториот ватикански собор – рече папата Фрањо во интервју за италијанскиот весник Avvenire кое го даде по повод свршетокот на Светата година на милосрдието.

Во интервјуто Светиот Отец понуди осврт на Јубилејот на милосрдието и го допира сложениот пат кон единството на христијаните како и наследството од Вториот ватикански собор.

Папата говори за задачата на Црквата која се состои во живеењето и сведочењето на Евангелието кое не е идеологија, туку пат на милосрдието. Објаснува дека не планирал Јубилеј, туку дозволил да го води Светиот Дух. Тој ја истакнува важноста на простувањето и сликовито го опишува Бог како да има лошо сеќавање: Тој простува и заборава – рече Папата.

Потоа се фокусира на прашањето за единството на христијаните и се присетува на важните чекори кон помирувањето направени во оваа Година на милосрдието: средбата со цариградскиот екуменски патријарх Вартоломеј I, со водството на Светскиот лутерански сојуз во текот на неодамнешната посета на Шведска и со патријархот на Руската православна црква Кирил I. Додава дека тоа дело своите корени ги има во Вториот Ватикански собор.

Троен е патот на единството – смета Папата: заедно да се прават дела на милосрдната љубов, да се моли заедно и конечно да се препознае заедничката исповед на верата изразена во екуменизмот на крвта. Во контекст на екуменизмот Светиот Отец порача дека е важно да се служи на сиромашните затоа што тоа значи да се служи на Христос, сиромашните се месото Христово. А кога заедно им служиме на сиромашните, ние христијаните се обединуваме во допирањето на Христовите рани – рече папата Фрањо.

Додаваме дека Папата ќе ја затвори Вонредната година на милосрдието следната недела на празникот Христос Цар.

РВ/к.мк

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма за умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот