Црквата не може да постои без милосрдна љубов

Ватикан, 17.5.2013 /к.мк/ – „Црквата не може да постои без милосрдна љубов”. Со овие зборови Папата Фрањо се обрати на Извршниот комитет на „Каритас Интернационалис” предводени од кардинал Оскар Родригез Марадијага кои ги прими на аудиенција во Ватикан по повод годишната средба. Во својот говорот Папата во преден план ги стави активностите на милосрдната црковна организација, посебно во момент во кој, кризата му се заканува на човекот „телото Христово”.

„Вие сте важен дел од Црквата, вие сте институцијата на љубовта на Црквата, бидејќи Црква без милосрдие не постои”. Папата Фрањо ја изрази својата длабока благодарност, нагласувајќи дека активностите на Каритас имаат „двократна димензија”: „јавна активност во најширока смисла на зборот” и „мистичната димензија, сместена во срцето на Црквата”:

„Преку Каритас Црквата го милува својот народ; милувањето на Мајката Црква кон нејзините чеда. Каритас е љубовта на Мајката Црква, која е во непосредна близина, милува и љуби”.

Папата Фрањо објасни на кој начин треба да се разбере бесплатната   христијанска љубов, која се симболизира во Евангелието со неколку леба и риба, со кои се нахранува народот.

„Тие не се намножија, туку едноставно не се потрошија, како што не се потроши брашното и маслото на вдовицата од Светото Писмо. Кога велиме „намножија” може да се создаде недоразбирање и да помислиме дека е направена магија… Не, тоа е само големината на Бог и љубовта, вметната во нашето срце, која е бескрајна.”

Светиот Отец се осврна и на „тешката криза”, која со години ја мачи планетата:

„Кризата не е само економска, културна или криза на верата: тоа се само аспекти од неа. Тоа е криза во која човекот ги поднесува последиците од нестабилноста. Денес човекот е во опасност, во опасност е човечката личност. Во опасност е телото Христово. За нас телото Христово е човекот во целост и уште повеќе ако е отфрлен или болен. Работата на Каритас е токму ова: да се биде свесен овој факт”.

Денес, рече Папата Фрањо, „му се придава поголемо внимание на производот, отколку на човекот кој произведува”. Постои „неурамнотеженост во финансиските инвестиции”, поради што на „големите меѓународни средби” се констатира дека светот „умира од глад”:

„Нашата цивилизација е во забуна и наместо да се грижи за созданието, за да може човек да биде среќен и да биде подобар Божјиот образ, таа воведува културата за „еднократна употреба”: она што е неопходно, се исфрла: децата, возрасните, сокриената евтаназија, која се практикува, најмаргинизираните. Тоа е кризата во која живееме”.

Повикувајќи се на ситуациите на сиромаштија и војни Светиот Отец исткана дека постојат моменти во кои „злото треба само да се неутрализира”. „Ако постои глад, треба да се даде храна, ако има повредени, треба да се лекуваат”: токму преку тоа се покажува „милувањето на Мајката Црква”. Но за да се направи тоа, рече Папата, „потребни се многу средства” и цитирајќи го свети Иван Златоуст рече: „би можела Црквата да ги продаде своите богатства, за да ги нахрани сиромашните”:

„Свети Иван Златоуст јасно вели: „Се грижите да ја украсите Црквата, а не телото на Христос, кое гладува”. За мене најубавиот израз на милувањето пред ситуација во потреба е онаа од параболата за Добриот Самарјанин, каде што не се вели: „го крена го однесе во гостилницата, плати и си замина”. Напротив, вели: „му ги изми раните, ги преврза, го качи на својот добиток, го однесе во гостилница, се погрижи за него и рече: „Ќе платам за тоа што недостасува” (сп. Лука 10,34-35).

Папата Фрањо говореше и за духовност на нежноста. „Во основа тоа е постојано служење на луѓето кои живеат во екстремни ситуации”. Оттука се раѓа една двојна функција, истакна Светиот Отец: од една страна „себедарувањето”, а од друга „да ја покаже нежноста на Црквата”:

Духовноста на Каритас е духовност на нежност, а ние ја исклучивме Црквата од категоријата на нежност. Понекогаш со нашата „сериозност” ја губиме оваа категорија, која е мајчинска карактеристика на Црквата Мајка! Нежноста е јадрото на што треба да се потпира духовноста на Каритас: нека се врати таа нежност на Црквата “.

На крајот Папата се задржа и на бегалците и нивната животна драма. „Треба да ги придружуваме”, повика тој, спомнувајќи си на милионите Сиријци кои останаа без дом. Заедно со нив Папата Фрањо потсети и на експлотираните. За сето тоа, заврши Папата, „постои големото присуство на нежност во Црквата”.

Категорија: Ватикан

За авторот

Write a Comment

<