Цврста вера во Бога

Цврста вера во Бога

Размислување за 24 Недела по Духови според Евангелието од Лука 8,41-56

Евангелието за оваа недела ни зборува за две лица, кои се поврзани, бидејќи споделуваат слични проблеми, дури имаат заедничка цел – бараат решение за нивниот проблем, бараат спас.

И двајцата, жената која дванаесет години крвотечи и Јаир, скоро биле без никаква надеж за решение на нивните проблеми. Жената веќе 12 години се бори со нејзината болест, а Јаир ја губи својата 12 годишна ќерка, постигнал многу во животот, но наеднаш го губи најскапоценото нешто. И двајцата одат кај Христа како последна надеж и двајцата не обрнуваат внимание на околностите и пречките кои биле пред нив, а такви имало доволно. Јаир е управник на синагогата, а закониците не го сакале Христос. Жената пак имала уште повеќе проблеми.

Што им дава сила да надминат толку многу препреки, и покрај тоа што сите тие околности придонесуваат средбата со Христос да изгледа невозможна? Верата во Христа има дава  сила дека тој може да им помогне дури и во невозможните ситуации во кои се наоѓаат. Во нив постои силен отпор кон безнадежноста. Таквата вера допира невозможни работи. Многу луѓе дојдоа да го видат Христа, од љубопитност, многумина се туркаа околу Него, но посебен е само допирот на жената, на што Господ веднаш укажа, дека не е обичен допир, несакан или несвесен, туку допир со вера.

Колку ли само такви лекции на безнадежност добиваме секој ден во нашите лични животи… Кога имаме искушение, тогаш кога не гледаме излез од проблемите, а исто така не гледаме ниту перспективи – кога мислиме дека сите нѐ оставија, дема сме слаби, дека не можеме да живееме вака…. А оваа евангелска поука не ни дозволува да се откажеме и да прекинеме да бараме решение за нашите потреби. Но често пати очајот, неволноста, безнадежноста, стануваат пречка за да можеме вистински да се допреме до живиот Христос. Јаир исто така имал многу пречки, како и крвотечењето на жената било сериозна пречка да се допре до Исус. Затоа да не се туркаме само околу Исус, туку и да ја испружиме нашата рака и да се допреме до Него.

Христос очекува од нас еден таков силен допир, кој е допир на вера која е свесна дека за Бог сè е можно – па дури и да воскреснува мртви. Без вера, нема да можеме да го разбереме ова и нема да се осмелиме да се допреме Исус. Кога Исус влезе во собата на ќерката на Јаир ги зеде со себе Петар, Јаков и Иван и нејзините родители и ги истера сите. Најверојатно потоа ја затвори вратата за оние кои му се потсмеваа, затоа што немаа вера. Да го молиме Господ да ни подари вера и да ја држи отворена вратата, преку која ќе ни влее вера среде нашето неверие.

Кога мислиме за некои луѓе дека се како мртви, како ќерката на Јаир, луѓе блиски, а ги сметаме за безнадежни, зошто не се охрабриме да појдеме кај нив, зошто да не им помогнеме, зошто да не им однесеме надеж, љубов, насмевка, добар збор, охрабрување.

Вистинската вера е силна, го допира Христа и како резултат на тоа ни помага да најдеме радост среде сета недостојност, проблеми и неволји, тага, дури и таму каде што на прв поглед сè изгледа безнадежно. Само човек со силна вера може да најде радост и затоа среде таги и неволји може да живее поинаку, а во исто време да ги менува сите околу себе на подобро.

Христос сака од нас токму таква вера која го победува очајот. Да го допреме во молитва, во црквата, преку Светите Тајни за да ги слушнеме од него следните зборови: „Некој се допре до мене, оди во мир – твојата вера те спаси!“

 к.мк

Категорија: Вера, Проповеди

За авторот