Свети архангел Михаил, Гаврил и Рафаил

Свети архангел Михаил, Гаврил и Рафаил

Михаил, Гаврил и Рафаил се три библиски ангелски имиња. Изворните значења се: Ми-ха-ил, што значи Кој е како Бог. Га-ври -ил што значи силен, а Ра-фа-ил значи Бог исцелува, лекува.

Според католичкото учење ангелите се лица, од Бог создадени созданија кои „секогаш го гледаат во лице небесниот Отец (Матеј 18,10) и се директни сведоци на неговите големи дела и ја објавуваат неговата слава (грчки ангелос значи гласник). За разлика од луѓето, ангелите не се наврзани за телото. Тие се чисти духови и поседуваат поголема моќ над материјата од човекот и поголема способност за спознавање.

Ангелите, кои се духовните суштества, не можат да се насликаат. Ликовната уметност е досетлива, па затоа обично ги прикажува како прекрасни суштества, кои наликуваат на момчиња или деца со крилја. Крилата се симбол на нивната непречена подвижност и ненаврзаност со времето и просторот. Во најраните прикази, од раното христијанско време, ангелите немаат крилја. Сликарите почнале да им ја додаваат оваа ознака од 4 век. Најстарото почитување на Архангел Михаил било забележано веќе во 4 век.

Според Библијата, на почетокот на Божјото создание, Михаил бил водач и победник во борбата против бунтовните ангели предводени од Луцифер (сатаната). Според литургиските текстови, Михаил е водич на душите во рајот. Старите автори го нарекувале „мерач на душите“ на последниот суд, а иконописците го сликаа со вага во раката. Тој исто така е прикажан како „војсководец на небесната војска“ со пламен меч или копје, а во средниот век во воената опрема од тоа време: оклоп, шлем, штит и копје. Обично во жестока битка, опкружен со други ангели, тој го победува сатаната и го фрла во пеколот. Во принцип, Михаил се почитува како бранител и заштитник на верата и на Црквата. Како заштитник него посебно го почитуваат, а поврзано со неговата улога: војниците и полицајците, потоа фармацевтите, трговците, пекари и оние кои се на умирање.

Архангел Гаврил се појавува во Библијата како гласник на Божјите одлуки. Тој му ги толкува визиите на пророкот Даниел во Стариот Завет. Во Новиот Завет на свештеникот Захарија му го навестува раѓањето на Иван Крстител (Лука 1,11-20), се објавува на Марија и го навестува раѓањето на Исус (Лука 1,26-38). (…) Во иконографијата, тој најчесто е прикажан како предвесник со крин во раката. Во 1951 година од страна на Црквата бил прогласен за заштитник на телекомуникациите и разузнавањето. Заштитник е на поштарите, а на посебен начин заштитник на Радио Марија. Гаврил 1 ја навестил радосната вест на Марија дека ќе биде мајка на Спасителот. Вработените во Радио Марија, како и сите водители на емисиите и волонтери, се трудат да бидат автентични навестители на Божјото Евангелие и да го слават Господ преку Марија, чие прекрасно име го носи нашата радиостаница.

Рафаил се споменува во Библијата само во Книгата Товит, како придружник на патувањето, заштитник и поборник на младиот Товит. По Божја наредба, тој го надминува злобниот демон Асмодеј и го лекува таткото на Товит. Рафаил е заштитник на фармацевтите, емигрантите, поклониците, патниците, рударите …

Нека нѐ чува, прати и благослови застапништвото на архангелите Михаил, Гаврил, Рафаил.

Патер Стјепан Фридл

Категорија: Вера, Духовност

За авторот