Успение на Пресвета Богородица

Успение на Пресвета Богородица

Голем знак на Небото

Тогаш некои од книжниците и фарисеите одговорија и рекоа: „Учителе, сакаме да видиме знак од Тебе.“ А Тој им одговори  и рече: „Лукав и прељуботворен род бара знак; но нема да му се даде знак освен знакот на пророкот Јона; оти, како што Јона беше во утробата на китот три дни и три ноќи, така и Синот Човечки ќе биде во срцето на земјата три дни и три ноќи“ (Мт 12, 38-40).

Суштинскиот знак за Христовото божество е воскресението

Исто така и Откровението на Светиот апостол Иван ни покажува „еден голем знак кој се покажал на небото: жена, облечена во сонце; под нозете нејзини беше месечината, а на главата нејзина – венец од дванаесет ѕвезди“ (Откровение 12, 1). Тоа се однесува на Пресвета Дева Марија која е вознесена на небото и е прославена. Но, така да се рече, не е истиот знак на Јона во продолжение? Како на денот на Воскресението, Христос овде, во Марија е победник над смртта. Тој од неговото сопствено воскресение и  неговата победа прави и неговата Мајка да ужива во славата. И оној знак на прославената Марија го достигнува исто така и оној на Исаија, кој е наменет за царот Ахаз: „Барај за себе од Господа, твојот Бог; барај или во длавочините или во височините… Самиот Господ ќе ви даде доказ: ете, Девица ќе зачне и ќе роди Син, и ќе му го дадат името Емануил“ (Ис. 7, 10-14).

Жената од Откровението, всушност, се наоѓа во моментот пред да се породи. Таа на свет ќе донесе машко дете. Ова дете кој дава светлина е Христос победоносецот: Тој, всушност, треба „да владее со сите народи со железен жезал“, т.е. со сета Божја сила. И тоа дете ќе биде „однесено при Бога и Неговиот престол“: овде евидентно е дека се однесува за Воскресението и Вознесението на Исус.

Но да ја надбљудиме Марија: Таа пред сѐ е „облечена во сонце“, целата обвиткана со Божјата слава и слична е на невестата од Песната над Песните: убава како месечина, светла како сонце“. Месечината под нозете на прославената Дева потсетува дека Таа не е повеќе подложна на овоземските промени; дванаесетте звезди кои ја крунисуваат, вели Томас од Кемпис, се „дванаесетте привилегии од нејзиното благородништво како Царица која царува и ја ставаат над сите други жители од небото“. Но бројот дванаесет исто така може да се однесува и на дванаесетте Израилеви племиња, што претставува едно заедништво на избраните кои пеат Маријански фалоспеви. Марија овде е наречена, како во Кана Галилејска и како на Голгота: Жена. Таа се чини дека е „во однос“ на Ева, првата жена. Од друга страна исто така овде, како во Земскиот рај, се појавува демонот; во првите страници од Библијата тој е претставен во вид на една змија; во последните страници од Светото Писмо се покоажува под ликот на еден голем црвен змеј. На почетокот од човештвото гледаме една жена која, преку нејзиниот син, ја гази главата на змијата; во „последните времиња“, оние на искупувањето, ја гледаме жената во борба со змејот.

Така, од почетокот до крајот на светот, постои борба помеѓу Марија и Сотоната. Станува збор за двајца несовладливи противници помеѓу кои никогаш не постои примирје; така да се каже, никогаш не се оставаат на мира: секогаш кога Сотоната е присутен, Марија е таму; секогаш кога Девата ја манифестира нејзината присутност, веднаш излегува демонот и се обидува да ја спречува во нејзиниот сјај. На „Нашата Мајка“ може да се применат зборовите од Песната над Песните: Таа е „страшна како војска со знамиња“ (Песна над Песните 6, 10). Дева Марија со вознесувањето, преку нејзиниот триумф над смртта, всушност станува главен војсководец против авторот на смртта. (…)

Тогаш што прави демонот? Не може ништо против бебето, ниту против неговата мајка кон која фрла вода како река; затоа што, како што уште ни вели Песната над Песните, „големата вода не може да ја угасне љубовта, и реки нема да ја потопат“ (Песна 8,7). Така, во својот гнев против Жената, „тој отиде да војува со другите од семето нејзино, што ги пазат Божјите заповеди и го имаат сведоштвото на Исуса Христа“ (Откровение 12,17).

На тој начин тој се прилепува до верните христијани, до оние кои се Христови браќа: „оној кој ја врши волјата на мојот Отец, вели Исус, тој е мојот брат и мојата сестра“, до оние кои веруваат во неговото божество: „Кој верува во Синот Божји, пишува свети Иван, има Божјо сведоштво во себе“ (1Иван 5, 10). Девата е мајка, всушност, не само на „машкото дете“, туку на едно цело потомство. И овие многубројни деца на Марија ќе бидат одбранети од неа и спасени како нејзиниот првороден. Исто така и во нив, преку Марија, Змејот ќе биде победен.

Ние поради тоа може да ја зачуваме надежта, ние кои во исто време сме предмет и војно поле на борбата помеѓу Нашата Мајка и Сотоната. Тоа е еден огромен и непрекинат дуел, во кој често пати се чини дека демонот е во предност, големи се можностите кои ги има за да ги надвладее Божјите синови. Марија, во спротивно, се чини  слаба и невооружена, но Бог праведно се служи со нејзината немоќ за да ја покаже преку неа целата своја моќ.

Затоа ѓаволот се разгневува против душите, подложувајќи ги под негово влијание, жртви на неговите лаги, оковани од неговите злодела. Тој се бори со Црквата, која ги соединува Христовите верници, и понекогаш неговиот „чад“ се шири. Но да се охрабриме: Марија се бори заедно со нас и за нас. Бог и подари „крилја на голем Орел“ со цел да побегне од Непријателот, но исто така да им овозможи на своите деца да избегат од големиот Змеј. И конечно главата на древната Змија ќе биде згазена и ние ќе го слушнеме на небото високиот глас да зборува: „Симнат е клеветникот на браќата наши, и сега настана спасението и силата и царството на нашиот Бог“ (Откровение 12,10).

(Жан Ладаме – Погледи кон Нашата Мајка)

к.мк/З.А.

Категорија: Вера, Духовност

За авторот