Темелот на меѓурелигискиот дијалог е меѓусебното почитување
Светиот Отец ги поттикна религиите во светот на меѓусебно почитување и доверба и на градење на братски односи помеѓу припадниците на различните религии, бидејќи и потеклото и судбината ни се заеднички и сите заедно го сочинуваме големото семејство на човештвото.
Уште на почетокот на Генерална аудиенција во среда 18 октомври поздравувајќи ги прво болните, заради лошите временски услови сместени во салата Павле VI, Папата потсети на одбележувањето на 50 годишнината од Декларацијата Nostra ætate од Вториот ватикански собор, за односот на Католичката црква кон нехристијанските религии. Папата Фрањо изрази добредојде на луѓето и групите преставниците на различните религии.
Светиот Отец потсети дека Вториот ватикански собор бил извонредно време за размислување, дијалог и молитва со цел обнова на погледот на Црквата кон самата себе и кон светот. Читање на знаците на времето и осовременување заради двојна верност: верност на црковната традиција и верност на луѓето од нашето време. Бог кој се објави во созданието и во историјата Кој зборуваше преку пророците и конечно во полнина – преку својот Син Кој стана човек – се обраќа на срцето и духот на секој човек кој ја бара вистината и начин истата да ја живее.
Светиот Отец ја истакна актуелноста на Декларацијата и во нашето време и потсети на нејзини поединечни точки: пораст на независноста на народите, барање на смислата за живот, смислата на страдањето и смртта. Тоа се прашања кои постојано нè следат на животниот пат. Тука е и заедничкото потекло и заедничката судбина на целото човештво, единственоста на човечкото семејство како начин на трагање за Бог или за Апсолутното.
Црквата не отфрла ништо што во другите религии е убаво и вистинско. На верниците од сите религии гледа со почит, ценејќи ги нивните духовни напори и морал. Црквата е отворена за дијалог со сите, но истовремено останува верна на вистината во која што самата верува, почнувајќи од онаа дека спасението е понудено на сите, започнува во Исус единствениот Спасител; и дека Светиот Дух е на дело како извор на мирот и љубовта.
Меѓу бројните настани и иницијативи за односите со нехристијанските религии, Светиот Отец ја издвои средбата во Асизи во 1986 година која ја иницираше свети Иван Павле II посакувајќи тогаш сите кои веруваат во Бог да се ангажираат околу пријателството и единството помеѓу сите луѓе и народи.
Папата Фрањо ја спомна промената во односот помеѓу христијаните и Евреите и објасни дека двостраното познатство и почитта која владее во нивните меѓусебни односи важи и за односите на Црквата кон останатите религии.
Папата потоа ги спомна мулиманите кои се поклонуваат на еден Бог, Милосрден и Семоќен: Создател на небото и на земјата кој се објавил на луѓето. Тие се повикуваат на Авраамовото татковство; го чествуваат Исус како пророк и неговата Мајка Дева Марија; веруваат во судниот ден; ја практикуваат молитвата, милостињата и постот – рече Папата.
Дијалогот кој ни е потребен треба да биде отворен и полн со почит, а тогаш се открива и како плодоносен. Меѓусебното почитување секогаш е услов и истовремено цел на меѓурелигискиот дијалог: да се почитува правото на другиот на живот, на физичка неприкосновеност, неговите основни слободи: слободата на совест, мислењет, изразување и слобода на религија.
Светот како верници нè набљудува и поттикнува на охрабрување едни со други; и на соработка со сите луѓе со добра волја кои можеби не исповедуваат ниту една религија. Бара ефикасни одговори на бројни теми; како мирот, гладот и бедата од кои се погодени милиони луѓе. Потоа кризата со околината, насилството посебно она направено во име на религијата; па корупцијата, моралната деградација, кризата на семејството, економската и финансиската криза, а посебно кризата на надежта.
Ние верниците за овие проблеми немаме готови решенија, но имаме еден голем извор – молитвата! Молитвата е наше неопходно богатство од кое земаме согласно своите различни традиции. Заради насилството и тероризмот раширен е став на сомнеж и се осудува религијата. Всушност ниту една религија не е имуна од ризикот на фундаментализмот или застранувањето на поединци или групи. Потребно е да се гледа на позитивните вредности кои секоја религија ги предлага и кои се извор на надеж.
Дијалогот заснован на доверба и почит може да го посее семето на доброто кое во животот на луѓето станува корен за пријателство и соработка на многу подрачја, посебно во службата на сиромашните, малите, старите; потоа во прифаќањето на мигрантите и во грижата за исклучените. Можеме да одиме заедно грижејќи се едни за други и за создаденото. Можеме заеднички да го славиме Создателот кој ни ја подарил градината на светот за да ја чуваме и да ја одгледуваме како заедничко добро и можеме да се спротивставиме на сиромаштвото и на секој човек да се обезбедат достојни услови за живот.
Вонредниот Јубилеј на милосрдието продолжи Папата е можност за заедничка соработка на подрачјето на делата на милосрдието. Со нас можат да се обединат многу луѓе кои не веруваат или кои се во потрага за Бог и за вистината. Милосрдието на кое сме повикани го опфаќа сето создадено кое Бог ни го доверил, кое бесрамно го искористуваме или уште полошо – уништуваме. Би требало често да се запрашуваме каков сме го затекнале за светот (а каков го оставаме), започнувајќи од околината во која живееме, од малите дела на нашиот секојдневен живот – рече Папата.
За идниот меѓурелигиски дијалог прво што ни е потребно е да молиме. Да молиме едни за други, бидејќи сме браќа! Без Господ ништо не можеме да направиме. Со него сè станува можно! Нека нашата молитва во полнина се усогласи со волјата на Бог Кој сака сите луѓе меѓусебно да се признаат за браќа и како такви да живеат создавајќи толку големо човечко семејство хармонично во различноста – рече.
Папата потоа повика на молитва и солидарност за настраданите во земјотресот кој го погоди Авганистан и Пакистан предизвикувајќи бројни жртви и голема материјална штета. Присутните поклоници и гости ги повика согласно сопствената традиција за настраданите и погодените да молат во тишина и од Господ да побараат повеќе да нè направи браќа и служители на оние во потреба, молејќи ја Марија, Исусовата Мајка. По својот обичај ги охрабри младите, болните и нововенчатите парови поделувајќи им на сите благослов.
РВ/к.мк/Д.И.
Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк