Средба на Папата со претставници на владата, граѓанското општество и дипломатскиот кор: „Западе, во кој правец пловиш?“
Првото јавно обраќање на Папата на португалска територија беше на 2 август 2023 година за време на средбата со претставници на владата, граѓанското општество и дипломатскиот кор.
Тој го нарече Лисабон „град на средби“ кој овие денови стана уште поглобален. „На некој начин стана главен град на светот“, истакна Папата.
Со векови, луѓето го сметаат за најзападната точка на Европа – Кабо да Рока во Португалија – крајот на светот, рече тој, додавајќи: „Во извесна смисла тоа е: ние сме на крајот на светот затоа што оваа земја се граничи со океанот што ги дефинира континентите. Лисабон ја отсликува прегратката на океанот и го носи неговиот мирис“. Гледајќи во океанот, Папата рече: „Португалците размислуваат за немерливите дострели на душата и за смислата на нашиот живот во овој свет“. Како што рече Светиот Отец: „И јас, вдахновен од сликата на океанот, би сакал да споделам неколку мисли со вас“.
Најпрво, океанот ги поврзува не само народите и државите, туку и земјите и континентите. Лисабон, како град на океанот, не потсетува на важноста на целината, границите да ги сметаме како точки на контакт, а не како точки на одвојување.
„Денес сфаќаме дека големите прашања со кои се соочуваме се глобални, но често ни е тешко да одговориме на нив токму затоа што, во услови на заеднички проблеми, нашиот свет е поделен или, во најмала рака, недоволно кохезивен, неспособен заеднички да се соочи со она што ни се заканува на сите. Планетарната неправда, војните, климатските и миграциските кризи: изгледа дека тие се побрзи од нашите способности, а често и од нашата волја, да се соочиме со овие предизвици на обединет начин“.
Но, Лисабон може да предложи поинаков пат, нагласи Папата, потсетувајќи дека во 2007 година во тој град беше потпишан Договорот за реформи на Европската унија, во кој беше потврдено дека целта на Унијата е да го промовира мирот, нејзините вредности и благосостојбата на сите нејзини народи.
Иако според дискутабилна етимологија, името Европа доаѓа од збор што го означува правецот на запад, рече понатаму Светиот Отец. „Она што е сигурно е дека Лисабон е најзападниот главен град на континентална Европа и на тој начин ни кажува за потребата да се отворат уште пошироки патишта за средби“. Тој ја нагласи желбата Светскиот ден на млади за „Стариот континент“ да биде поттик за универзална отвореност. „На светот му треба Европа, вистинска Европа. Потребна ѝ е улогата на Европа како мост и миротворец во нејзиниот источен дел, во Медитеранот, во Африка и на Блискиот Исток“, истакна папата Фрањо. Како што рече: „Ние пловиме среде бури по океанот на историјата и чувствуваме потреба од храбри патишта на мир“.
„Со длабока љубов кон Европа, во духот на дијалогот што го карактеризира овој континент, би можеле да го прашаме: „Каде пловиш ако не му ги покажеш на светот патиштата на мирот, креативните начини за завршување на војната во Украина и многу други конфликти кои предизвикуваат толку многу крвопролевање?” Папата ја прошири таа мисла велејќи: „Западе, во кој правец пловиш? Технологиите – кои донесоа напредок и го глобализираа светот – не се доволни сами по себе. Уште помалку модерното оружје, кое, нагласи Светиот Отец, „не претставува инвестиција во иднината, туку исцрпување на автентичниот човечки капитал“.
„Сонувам за Европа, срцето на Западот, која ги користи своите огромни таленти за да ги решава конфликтите и да ги запали светилките на надежта; Европа, која е способна да го врати своето младешко срце, гледајќи ја големината на целината и надвор од нејзините непосредни потреби; Европа која вклучува народи и луѓе, со нивните култури, без да се наметнуваат идеологии и облици на идеолошка колонизација. И ова ќе ни помогне да се потсетиме на соништата на основачите на Европската унија: Тие сонуваа нешто големо!“
Папата потсети и како, парадоксално, заштитата на човечкиот живот, загрозен од утилитаризмот кој го искористува и отфрла животот, сега стана приоритет. „Мислам на толку многу неродени деца и напуштени постари луѓе, на големиот предизвик да се прифатат, заштитат, промовираат и интегрираат оние кои доаѓаат од далеку и ни тропаат на вратите, и на изолацијата што ја чувствуваат толку многу семејства на кои им е тешко да донесат деца на свет и да ги воспитуваат“, рече Папата. „Мислам и на многуте развиени закони за евтаназија.
Сепак, Лисабон дава причина за надеж. Море од млади се влева во тој гостопримлив град, рече Папата и се заблагодари на Португалија за напорите при организацијата на средбата.
Младите од целиот свет, кои копнеат за единство, мир и братство, не повикуваат да ги оствариме нивните добри соништа, нагласи Папата. Светскиот ден на млади претставува можност за заедничка изградба. Ја оживува нашата желба да постигнеме нешто ново и различно, да одиме длабоко и заедно да пловиме кон иднината. Затоа, Светиот Отец предложи три „градилишта на надежта“ на кои ќе можеме сите заедно да работиме: животната средина, иднината и братството.
Најпрво, кога станува збор за животната средина, Папата рече дека океанот не потсетува на тоа дека човечкиот живот е наменет да биде дел на средина поголема од нас самите, која мора да се заштити и да се грижи за доброто на идните генерации. Понатаму, уште едно градилиште е иднината. Младите се иднината, нагласи Папата. Сепак, тие наидуваат на многу обесхрабрувања: недостаток на работа, вртоглавото темпо на модерниот живот, зголемени трошоци за живот, тешкотии при наоѓање стан и страв од основање семејство и раѓање деца. „Во Европа и, воопшто, на Запад, сведоци сме на загрижувачки пад на демографската линија“, рече Папата. Здравата политика може многу да придонесе во овој поглед; може да биде извор на надеж. Повикана е да покаже далековидост со инвестирање во иднината, во семејствата и децата и со промовирање меѓугенерациски сојузи кои не го поништуваат минатото, туку создаваат врски меѓу младите и старите.
Последното градилиште на надежта е братството, за кое христијаните учат од Исус Христос. Сите сме повикани да негуваме чувство на заедништво, почнувајќи од грижата за оние кои живеат блиску, рече Папата, потсетувајќи на примерите на млади луѓе кои поттикнуваат уривање на ѕидовите на раздорот подигнати во име на различни мислења и верувања. „Би сакал да им се заблагодарам и да ги охрабрам, како и сите оние во португалското општество кои покажуваат грижа за другите, како и локалната Црква, која тивко и ненаметливо прави толку многу добро. Браќа и сестри, сите да се чувствуваме повикани, како браќа и сестри, да му дадеме надеж на светот во кој живееме и на оваа величествена земја“, рече папата Фрањо на крајот од своето прво јавно обраќање на 42-то Апостолско патување.
Ватикан њуз/к.мк