На 8 март, кардиналот Конрад Крајевски, Апостолски милостилничар и пратеник на папата Фрањо во Украина, се сретна со поглаварот на Украинската источно католичка Црква, врховниот архиепископ Киевско – халички Свјатослав Шевчук и Лавовскиот митрополит Миечислав Мокрзицки. Сите тројца телефонски разговарале и со папата Фрањо, стои во соопштението од Секретаријатот на Киевско – халичкиот архиепископ, со седиште во Рим.
Кардиналот Конрад Крајевски изразил желба да ги посети центрите за социјална помош во Украина за да се сретне со бегалците и со сите оние кои се жртви на руската војна против Украина, се вели во соопштението.
Поглаварот на Украинската источно католичка Црква во Украина и митрополитот од Лавов директно разговарале и со папата Фрањо. За време на телефонскиот разговор, кардиналот Крајевски на Светиот Отец му ги пренел првите впечатоци од посетата, особено она што го видел во Полска, од каде што влегол во Украина. Папата е информиран и за програмата на посетата на неговиот пратеник на Украина, за која претходно разговарале учесниците на средбата.
Кардиналот Крајевски нема конкретен датум до кога ќе остане во Украина. Светиот Отец му наложил да остане таму колку што е потребно за да му даде поддршка на украинскиот народ во име на Светиот Престол во овие драматични моменти од нивната историја.
Архиепископот Шевчук рече дека папата Фрањо сака да биде присутен лично преку неговиот пратеник. Тоа е целта на оваа посета.
Деталната програма за престојот на кардиналот Крајевски во Украина не е објавена, но се знае дека тој во четврток, 10 март, ќе ги посети центрите за социјална помош на Украинската источно католичка Црква и ќе учествува на заедничка молитва со претставници на Панукраинската совет на цркви и верски организации.
Патувањето на кардиналот Крајевски го најави папата Фрањо на 6 март на крајот од молитвата Ангел Господов. Папата, исто така, го најави патувањето на кардиналот Мајкл Черни, привремен префект на Дикастеријата, за промовирање на целосен човечки развој. Кардиналот Крајевски влезе во Украина од полската граница, додека кардинал Черни моментално се наоѓа во Унгарија, каде што одржува институционални состаноци за пречек на бегалците од војната во Украина и ги посетува прифатните објекти.
Папата Фрањо истакна дека присуството на двајцата кардинали на лице место не го претставува само присуството на Папата, туку го симболизира присуството на сите христијани кои сакаат да бидат блиски и да кажат: „Војната е лудост! Ве молиме запрете! Гледајте колку е сурова!“
Ватикан њуз/к.мк