Со Литургија во Кампот на милосрдие заврши СДМ во Краков

Во недела претпладне, 31 јули 2016 година, Папата ја служеше завршната света Литургија на Светскиот ден на млади. Во Кампот на милосрдие, на периферијата на Краков, на Светата Литургија, според податоците на полската полиција, учествувале околу два милиони млади. Пред Светата Литургија Папата ги благослови двете згради на Каритас; едната за постари лица, а другата за спремање на храна за оние во потреба. Во проповедта Светот Отец ги поттикна младите да не се откажат и на светот да му дадат надеж.

Драги млади, дојдовте во Краков да го сретнете Исус, а извадокот од евангелието според Лука всушност говори за средбата во Ерихон помеѓу Исус и Закхеј (Лк 19,1-10). Исус не се задоволува со проповедувањето, туку проаѓајќи низ градот сака да го сретне секој. Значи Исус сака да ни се приближи, да оди со нас до крајот на нашиот живот, сака да се сретнат нашиот и неговиот живот – рече папата Фрањо.

Закхеј беше старешина на цариниците, собирач на данок, затоа беше омразен меѓу народот, па не ни мислеше дека би можел да му се приближи на Исус. Освен тоа, беше низок, а да го види Исус мораше да се качи на дивата смоква. Средбата со Исус го менува неговиот живот. Првата препрека значи која треба да ја совлада беше нискиот раст. И на нас ни се заканува опасноста да бидеме далеку од Исус, бидејќи не се сметаме достојни, со низок раст сме – забележа Папата.

Тоа е големо искушение, меѓутоа верата ни вели дека сме Божји деца и навистина сме (1Ив 3,1): создадени сме според Божјиот образ и подобие; Исус ја зеде нашата човечност, неговото срце значи нема никогаш да се одвои од нас; Светиот Дух сака да пребива во нас; повикани сме во вечна радост со Бог. Ова е нашето „растење“, нашиот духовен идентитет: ние сме сакани деца Божји, засекогаш. Сфаќате значи дека неприфаќањето на самите себе, незадоволството и негативното размислување значи неприфаќање на својот вистински идентитет. Бог нѐ сака какви што сме; ниту еден грев, мана или погрешка не можат да го променат Божјиот однос кон нас. Во Неговите очи вреди само личноста – истакна Папата додавајќи: Кога нѐ обзема малодушноста, тогаш може да ни помогне оваа голема вистина: Божјата љубов е верна. Бог нѐ сака повеќе отколку ние самите себе; верува во нас повеќе отколку што ние самите себе си веруваме, „секогаш навива“ за нас, како најстраствен навивач. Ни се надева секогаш, дури и кога се затвораме во својот песимизам, жалејќи се непрекинато на направдите и на минатото. На нашиот „духовен стас“ не доликува песимизам, бидејќи како вирус умртвува сѐ, ја уништува надежта. Бог, напротив, секогаш ни се надева, секогаш верува дека можеме да се подигнеме и не сака да нѐ види „згаснати и без радост“ – истакна Папата.

Говорејќи за односот на Закхеј спрема срамот, Светиот Отец рече дека исчезнал кога Закхеј сфатил дека за него Исус би направил сѐ и дека единствено Тој може да го извлече од „живата кал“ гревот и незадоволството. Закхеј ризикуваше и ја прифати играта. И ние мораме да ја прифатиме играта, бидејќи животот не треба да се затвори во ормарот.

Драги млади, прикажете му на Исус во исповедта сѐ, посебно своите слабости, маки и гревови. Тој ќе ве изненади со своето опростување и мир. Не плашете се да го следите. Не дозволувајте да ви се умртви духот, туку копнејте за чиста љубов, која бара и одрекување, спротивставувајте се на „допингот“ на успех по секоја цена и на дрогата да мислите само на себе и својата удобност – поттикна Папата.

Говорејќи пак за третата препрека со која Закхеј морал да се соочи, со мрморењето на мноштвото, кое најпрвин му пречело да го види Исус, а потоа и го критизирал: Исус не требало да влезе во куќата на грешникот, Папата рече дека народот од високо го гледал Закхеј, а Исус напротив кон него го подигна својот поглед. Исус не ги гледа маните, ја гледа личноста, не го интересира минатото, туку иднината. Исус не го интересира привидноста, туку срцето. Тој го гледа твоето и моето срце. Ниту вие не се задоволувајте се со површноста, чувајте се од световната литургија на покажување, разубавување на душата како би изгледале поубави. Напротив, добро зацврстете ја врската на срцето кое гледа и неуморно пренесува добро. А бесплатно дарувајте ја од Бога добиената радост, која многумина ја очекуваат – поттикна Папата па се осврна на Исусовиот повик кон Закхеј:

„Слези побргу, зашто денес треба да бидам во твојот дом“, рече како се чини дека тие зборови ни се упатени на нас. Исус ни го упатува овој повик: „Денес треба да бидам во твојот дом“. Можеме да речеме дека Светскиот ден на млади почнува денес и продолжува утре, во куќата, бидејќи Исус сака таму да нѐ сретне. Додека бара да дојде во твојата куќа, Исус те повикува по име како и Закхеј. Исус сите нѐ повикува по име – истакна Папата додавајќи:

Името Закхеј, во тогашниот говор, го евоцира „Божјиот спомен“. Верувајте му на Божјото памтење, тоа не е „хард диск“, кој ги бележи и ги чува сите наши податоци, туку е нежно срце на сомилост, кое секогаш се радува бришејќи го секој траг од нашето зло. И ние сега да се обидеме верно да го имитираме Божјото памтење и да го чуваме доброто кое го примивме овие денови. Во тишина да размислуваме за оваа средба, да го чуваме споменот на Божјата присутност и на Неговот Слово, во себе да го оживееме гласот на Исус кој нѐ повикува по име – заклучи Светиот Отец.

РВ/к.мк

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк
Категорија: Ватикан

За авторот