Сожалување и нежност – зборови кои папата Фрањо често ги користи

Папата Фрањо на 8 јули 2013 во Лампедуса упати силен апел за надминување на рамнодушноста за бројните браќа кои страдаат. Денес Евангелието ни говори за Исусовото сожалување за „измореното и исцрпено“ мноштво. На такво однесување Светиот Отец повеќе пати повикува во текот на првите четири месеци од неговиот понтификат.

Исус, штом го виде мноштвото се сожали над нив, бидејќи беа изморени и прснати, како овци без пастир. Папата Фрањо предупредува дека Исусовото сожалување не е само чувствување, туку сила која дава живот. Тоа е „сожалување“ – рече Светиот Отец во говорот на 9 јуни – на Божјата љубов кон човекот; тоа е милосрдие, односно Божјиот став во допир со човечката беда, со нашето сиромаштво, страдање и потешкотии. Библискиот израз „сожалување“ потсетува на мајчинско срце; мајката имено посебно страда поради болката на своите деца. Така нè љуби Бог, вели Светото Писмо. А што е плод на таа љубов, на тоа милосрдие: Тоа е живот! – истакна Папата во спомнатиот говор.

Исусовото сожалување станува нежност, а тоа е уште еден збор кој папата Фрањо повеќе пати го употребува. Нежност! Господ нè љуби нежно. Господ ја знае онаа убава наука за милување, за Божјата нежност – рече Папата на светата Литургија во домот Света Марта на 7 јуни оваа година. Бог не нè љуби со зборови. Ни се приближува и нежно ни ја пружа онаа љубов. Близина и нежност! – истакна Папата. Тоа се двата начина на Господовата љубов, Господ кој се приближува и ја дава целата своја љубов, па и преку најмалите работи; преку нежност. А тоа е силна љубов, бидејќи близината и нежноста ја очитуваат силата на Божјата љубов.

Нека не нè плаши последниот суд – поттикна Папата – туку нека нè поттикне подобро да ја живееме сегашноста. Бог милосрдно и стрпливо ни го нуди ова време за да се учиме секој ден да го препознаваме во сиромашните и малите – истакна папата Фрањо на светата Литургија на 25 мај и објасни дека сожалувањето значи да се препознае Христос во другиот, и да се отвори вратата на Црквата.

Да мислиме денес на Исус кој секогаш сака да му се приближуваме; да мислиме на светиот народ Божји, едноставен народ кој сака да се приближи до Исус; и да мислиме на бројните христијани со добра волја кои грешат и наместо да ја отворат вратата, ги затвараат…

Да го молиме Господ сите оние кои се приближуваат до Црквата да најдат отворена врата и тука да ја сретнат љубовта Исусова. Да молиме за таа милост – поттикна Папата на спомнатата света Литургија .

Извор: РВ

Превод: го*ко

Категорија: Колумни

За авторот

Write a Comment

<