„Господи, добро ни е да бидеме овде.“ (Мт 17, 4)
Исус тргнал со своите ученици кон Ерусалим. Кога Петар слушнал дека Исус ќе страда, ќе умре и ќе воскресне таму, се побунил, изразувајќи гнев и недоразбирање. Учителот тогаш го зел заедно со Јаков и Иван на „високата гора“. Таму им се јави на тројцата во ново и необично светло: Неговото лице „светна како сонце“, а Мојсеј и пророкот Илија разговараа со Него. Тогаш од светлиот облак се слушна гласот на Отецот кој ги повикува да го слушаат Исуса, Неговиот сакан Син. По тоа изненадувачко искуство, Петар повеќе не сакаше да си оди и извика:
„Господи, добро ни е да бидеме овде“
Исус ги покани своите најблиски пријатели да го доживеат ова незаборавно искуство и да го носат во своите срца засекогаш.
Можеби и ние, полни со восхит и емоции, го имаме доживеано Божјото присуство и Неговото дејство во нашите животи, посакувајќи тие моменти на радост, мир и светлина никогаш да не завршат. Честопати доживуваме такви моменти со други или благодарение на другите. Взаемната љубов, всушност, го привлекува Божјото присуство, бидејќи Исус ветил: „зашто, каде се двајца или тројца собрани во Мое име, таму сум и Јас среде нив.“(Мт 18, 20). Во тие моменти на блискост, понекогаш ни дозволува да се видиме себеси низ Неговите очи и да ги разбереме настаните.
Овие искуства ни се дадени за да имаме сила да се соочиме со тешкотиите, искушенијата и неволјите со кои се соочуваме на нашиот пат, со сигурност во нашите срца дека Бог погледнал на нас и нѐ повикал да бидеме дел од историјата на спасението.
После слегувањето од гората учениците заедно ќе одат во Ерусалим, каде што ги очекува мноштво надеж, но и многу стапици, несогласувања, неволји и страдања. Таму ќе се разбегат и ќе бидат „испратени по целиот свет да сведочат за нашиот конечен дом, Божјето Царство“.[1]
Тие ќе можат да почнат да го градат Неговиот дом меѓу луѓето веќе овде на земјата бидејќи биле „дома“ со Исус на гората.
„Господи, добро ни е да бидеме овде“
„Станете и не плашете се“ (Мт 17,7), повикува Исус на крајот од тоа необично искуство. Оваа покана се однесува и на нас. Како Негови ученици и пријатели, можеме храбро да се соочиме со она што ни претстои.
Истото се случи и со Кјара Лубик. Поради перцепцијата за Божјото присуство во малата заедница каде што го поминувала својот одмор и поради извонредното размислување за тајните на верата во тој период толку богат со светлина така што го нарече „Рај 1949“, ниту таа не сакала да му се врати на секојдневието. Меѓутоа, таа се вратила со нов ентузијазам бидејќи сфатила дека токму поради ова искуство на просветлување морала да „слезе од гората“ и да дејствува како Исусово орудие во остварувањето на Неговото Царство, носејќи ја Неговата љубов и Неговата светлина токму таму каде што недостасуваат соочувајќи се и со напор и со страдање.
„Господи, добро ни е да бидеме овде“
Кога, напротив, ќе ни зафали светлина, со срце и ум да се потсетиме на моментите во кои Господ нè просветли. Ако ја немаме доживеано Неговата блискост, тогаш да ја бараме. Ќе треба да се потрудиме и да се „искачиме на гората“ за да Го сретнеме кај ближните, да Му се поклонуваме во нашите цркви и да Го искусиме во убавината на природата.
Затоа што Тој е секогаш тука за нас: ние само треба да чекориме со Него и понизно да го слушаме во тишината, како Петар, Иван и Јаков.[2]
Силвано Малини и тимот Слово на животот
[1] T. Radcliffe, OP, второ духовно размислување за учесниците на генералниот собор на Бискупската синода, Sacrofano, 1. октомври 2023.
[2] Според Mт 17, 6.