„Блажени се оние, кои не виделе, а поверувале!” (Иван 20,29)
Евангелието според Иван ни ги опишува средбите на апостолите, Марија Магдалена и другите ученици со воскреснатиот Исус. Тој повеќе пати им се покажал, со знаците на распнувањето, за нивните срца повторно да се отворат за радост и надеж. Во една таква околност апостолот Тома бил отсутен. Останатите, кои го сретнале Господ, му говореле за тоа прекрасно искуство. Можеби сакале и нему да му ја пренесат истата радост. Но Тома не прифаќал недиректно сведоштво. Сакал лично да го види и да го допре Исус.
Тоа се случило неколку дена подоцна. Исус повторно им се покажал на собраните ученици. Меѓу нив конечно бил и Тома. Тој ќе ја посведочи својата вера и својата целосна припадност на воскреснатиот Исус со зборовите: „Господ мој и Бог мој!“. Исус му одговорил:
„Блажени се оние, кои не виделе, а поверувале!”
Ова евангелие е напишано кога очевидците на Исусовиот живот, смрт и воскресение повеќе не биле живи. Евангелската порака требало да ја пренесат на идните генерации, а нејзиното пренесување ќе се темели на сведоштвото на оние кои го примиле тоа навестување. Тука започнува времето на Црквата, Божјиот народ кој продолжува да ја навестува Исусовата порака, верно да го пренесува Неговото слово и да го живее доследно.
Сите ние сме го сретнале Исус, Евангелието и христијанската вера преку зборовите и сведоштвата на другите, и поверувавме. Затоа сме „блажени“.
„Блажени се оние, кои не виделе, а поверувале!”
За да го живееме ова Слово, да се сетиме на следниот повик на Кјара Лубик: „Во тебе и во сите луѓе кои не живееле со Него, Тој сака да го втисне уверувањето дека го поседувате она што го поседувале и апостолите. Исус сака да ти каже дека не си во неповолна ситуација за разлика од оние кои го виделе. Ти имаш вера, а тоа е нов начин на ‘гледање’ на Исус, така да кажам. Преку неа можеш да му се приближиш, длабоко да го разбереш, да го сретнеш во длабочината на своето срце. Преку верата можеш да откриеш меѓу двајца или повеќе браќа соединување во негово име, или во Црквата која го продолжува Неговото дело. […] Тие Исусови зборови те повикуваат да ја оживееш својата вера, да не очекуваш поддршка или знаци за да напредуваш во својот духовен живот, да не се сомневаш во Христовата присутност во твојот живот и во историјата, иако може да ти изгледа дека Тој е далеку. […] Тој сака да веруваш во Неговата љубов, иако се наоѓаш во тешка ситуација или те притискаат невозможни околности. “
Ана е млада Австралијка, родена со тежок инвалидитет. Таа раскажува: „Во својата младост повеќепати се прашував зошто веднаш не сум умрела, затоа што огромна беше тежината на мојот инвалидитет. Моите родители, кои го живеат Словото на животот, секогаш ми велеа: „Ана, Бог те сака неизмерно и има свој наум за тебе“. Со нивна помош успеав да се спротиставам на тешкотиите и покрај телесните ограничувања и да ги љубам прва другите, како што тоа Бог го направи со нас. Видов дека многу ситуации околу мене се менуваа и како многу луѓе стануваа повеќе отворени кон мене. Мојот татко остави лична порака која требаше да ја отворам дури по неговата смрт. Во неа беше напишана само една реченица: „Мојата ноќ нема темнина“. Ова е мое секојдневно искуство: Секојпат кога ќе одлучам да љубам и да им служам на личностите кои се со мене, повеќе нема темнина и можам да ја доживеам Божјата љубов кон мене.“
Летиција Магри