Од Светото Евангелие според Лука (11, 9-13)
9. И Јас ви велам: сакајте и ќе ви се даде; барајте и ќе најдете; чукајте и ќе ви се отвори. 10. Зашто секој што сака – добива, и кој бара – наоѓа, и на оној што чука, ќе му се отвори. 11. И кој татко од вас, ако синот негов му побара леб, ќе му даде камен? Или ако побара риба, па да му даде змија место риба? 12. Или, ако побара јајце, да му даде скорпија? 13. И така, значи, ако вие, бидејќи лукави, умеете да давате добри дарови на чедата свои, колку повеќе небесниот Отец ќе им даде Дух Свети на оние, што Му бараат?”
Молитвата е срцето на секоја вера. Таму каде што умира молитвата, умира и верата. Да се биде верник значи да можеш да се молиш. Иако јазикот на молитвата има различни облици (прозба, застапување, благослов, благодарење, славење, обожавање, пофалба), сите тие на крајот се спуштаат во радикалноста на наједноставната молитва или молчеливо предавање на Другиот – истовремено Најодалечен и Најблизок.
Има четири карактеристики јазикот на молитвата: едноставност, искреност, смиреност и заедништво. Едноставност. Молитвата не е некој возвишен, посебен јазик, полн со „свети фрази“, рецитирање и формалност. Исус се обраќал на Бог („Аба“) со едноставни зборови и на мајчиниот јазик. Никакви спректакуларни молитви не наоѓаме кај Исус. Напротив, повикува нашата молитва да биде „во тајност“ (Матеј 6,6), кратка – без тривијални фрази, мноштво зборови и мрморење (Матеј 6, 7). Молитвата доаѓа од внатрешната спонтаност, од обичното секојдневие, искажана со најсопствените зборови: гласна или нема, како крик и благодарност, застаната на работ на усните.
Искреност. Молитвата не е побожна поза, туку искрен став. Искреноста е основниот чин на молитва. Во надминувањето на самољубието, во тргнувањето на своето „јас“, погледот ни се шири. Не можеме поинаку отколку во молитвата да тргнеме од самите себе, ослободени од лагите, лажната големина, погрешната скромност, вистината и заблудата за себе, улогата и повикот. Во Бог како во огледало ја гледаме реалноста на своето срце и длабочината на несвесноста. Искреното самоспознание е условот за да може да се моли. Ниту една искрена молитва не пропаѓа, бидејќи Бог верно слуша.
Смиреност. Човекот често живее во состојба на растресеност. Молитва е обука во секогаш нова смиреност и фокусираност. Не навикнат да гледа внатре во себе, бидејќи целиот се свртен кон надвор, човекот се губи во надворешното, во натпреварувањето да биде виден. Молитвата е потонување во себе, враќање кај себе си, станување свесен, внатрешна тишина. Смиреноста во себе ги обединува сите димензии: разумот, волјата и чувството, искуството и смислата, внатрешното и надворешното. Да се смириш значи да бидеш соединет. Тогаш, како повиканите во Светото Писмо можеш да кажеш „Еве ме“. Смиреноста бара состојба на будност. Смиреноста го преобразува човекот, го менува нашето лице одвнатре.
Заедништво. На земјата еден со друг сме на пат кон Бог, но често и пречка на тој пат. Си пречиме едни на други, бидејќи не сме прочистени, себични, затворени во себе. Тешко влегуваме во светот на ближните. Ретка е вистинската средба. Молитвата е внатрешна сила на сеопфатното заедништво со Бог и луѓето, „поврзност на душата која отстранува непријателство, ги надминува предрасудите, поттикнува на дијалог и помирување. Исус експлицитно бара, како услов за секоја христијанска молитва, подготвеност за простување. Автентичноста на молитвата се мери според способноста за пријателство и заедништво, па јазикот на молитвата е повик на одговорност за светот и за заедничкото добро. (…)
Секоја молитва го отвора човекот за дарот на Светиот Дух кој ги заздравува нашите рани и ја воздигнива нашата совест. Примањето на Светиот Дух е примање на силата Божја.
Анѓелко Домазет/Фрањевци Сплит/к.мк