Слово Божјо за денес: Кој е најмалиот меѓу вас, тој ќе биде најголем

Слово Божјо за денес: Кој е најмалиот меѓу вас, тој ќе биде најголем

Од светото Евангелие според Лука (9, 44-50)

44. Сложете ги во ушите свои овие зборови: Синот Човечки ќе биде предаден во раце човечки. 45. Но тие не го разбраа оној збор, зашто беше сокриен од нив за да не го разберат, а се плашеа да Го прашаат за неговото значење. 46. И им дојде мисла: кој од нив е најголем. 47. А Исус, знаејќи ја мислата на нивните срца, зеде едно дете и го постави пред Себе, 48. па им рече: „Кој го прима ова дете во Мое име, Мене Ме прима; а кој Ме прима Мене, Го прима Оној Што Ме пратил; зашто кој е најмал меѓу вас, тој ќе биде најголем.” 49. Одговори Иван и рече: „Наставниче, видовме еден човек, кој во Твое име истерува бесови, па му забранивме, бидејќи не оди со нас.” 50. Исус му рече: „Не забранувајте! Оти, кој не е против вас, тој е со вас.”

Денес во Евангелието слушаме, најмалиот е голем затоа што не е постојано преокупиран со тоа како да биде голем. Најмалиот дозволува гoлемината да му биде подарена. Тој има доверба во Бог, Кој нашата големина ја мери според нашата добрина кон другите и нашата подготвеност едни за други да се заземаме.

Лука во овој текст ни пренесува дека Исус ги знаел мислите на нивните срца, затоа и зема дете, го поставува пред Себе и им зборува: „Кој го прима ова дете во мое име, Мене ме прима, а кој ме прима Мене, Го прима оној што ме пратил; зашто кој е најмал меѓу вас, тој ќе биде најголем.“ Со анализата на библиските мисли сведоци сме дека и нас во животот нѐ придвижуваат мотивите за кои сме свесни, како и за оние кои не сме свесни, токму како што и Исусовите ученици се борат за личниот престиж, големината на честа и власта. И додека Исус ги чита нивните мисли, Тој пред нив поставува дете и со тоа дело ја презентира големината со едноставни зборови: Кој го прима ова дете во мое име, Мене ме прима, а кој ме прима Мене, Го прима оној што ме пратил; зашто кој е најмал меѓу вас, тој ќе биде најголем!

Допрен од Исусовата едноставност прашувам, до каде се границите на Исусовата величина и љубов, кои ние малите тешко можеме да ги разберем? И додека Иван му поставува на Исус прашање „Наставниче, видовме еден човек кој во Твое име истерува бесови, па му забранивме, бидејќи не оди со нас. Исус му рече: Не забранувајте! Оти, кој не е против вас, тој е со вас!“

Преку овие зборови Исус одговара и порачува; додека патувате по морето на животот во несигурниот кораб со нестабилност и страв за својата иднина и за иднината на оние за кои се грижите и додека се борете за престиж, величина, чест, власт и за првото место во општеството, човече отвори ги веќе еднаш очите на душата и поверувај во мене. Зарем не гледаш на колку различни начини и ситуации сум присутен во твојот живот? Имам голем план со тебе и свое време за тебе. Ти испраќам и луѓе во твојот живот. Ти отворам патишта. Ти зборувам. Ја допирам длабочината на твоето срце. Те вадам од калта и те изведувам на патот на животот. Живеј веќе еднаш и поврувај Му на моето Слово.

Жупа Алојзие Степинац/к.мк

 

Категорија: Вера, Проповеди

За авторот