Скопје: Духовна обнова за сиромашните

Во вторник 8 април 2014 скопскиот катедрален парох дон Давор Топиќ одржа пригодна Духовна обнова за сиромашните, кои се корисници на Народната кујна кај сестрите Мисионерки на љубовта во Скопје, на тема „ Христос бидејќи богат, осиромаши поради вас, та и вие да се збогатите преку Неговата сиромаштија“ („ Коринтјани 8,9).

Во наговорот дон Давор зборуваше за длабочината на Божјото милосрдие кон секој човек чија близина се гледа преку Исус Христос и неговата смрт и воскресение и на тој начин му даде смисла на нашето страдање и трпење. Исто така ги повика присутните, и покрај тешкото секојдневие и трпење кои често пати изгледаат дека човекот е зафатен од безнадежност и дека од никаде нема светло, никогаш да не се измори да го повикува Христос во својата историја, кој е победник над смртта, имајќи го слободно оној длабок крик за полнина на животот, кој се раѓа од живата вера во Воскреснатиот Господ и Бог ќе се објави, ќе ги исцели раните и ќе даде сила и смисла на животот за да се чекори напред. Нагласувајќи дека оваа народна кујна е израз на Божјата љубов кон сиромашните, ги повика присутните да имаат благодарно срце кон Бог и сестрите на блажена Мајка Тереза за нивното несебично служење и делотворна христијанска љубов.

По наговорот некои од присутните спонтано преку молитва на верните ги искажаа своите потреби и благодарност и заеднички молеа Оче наш и еден на друг си дадоа знак на мир.

Во Скопје сестрите Мисионерки на љубовта се присутни од 1980 година. Манастирот во кој живеат е купен лично од блажена Мајка Тереза, каде што се наоѓа и народната кујна за 60-тина корисници. Работата на сестрите во Скопје е со сиромашните, болните, децата од социјално загрозени семејства, кои привремено сместување наоѓаат во нивната куќа. Исто така многу е важна нивната работа и во скопската парохија Пресвето Срце Исусово меѓу вероучениците и младите, како и за другите активности во склоп на верскиот живот.

д.Д.Т.

Категорија: Македонија

За авторот