Пред четири години, на 29 јули 2013 година, во Сирија исчезна патер Паол Дал’ Оглио.
Можеби е киднапиран, а можеби го убиле муслиманските екстремисти. Од тој ден се слушаат само гласини за неговата можна судбина, но нема никаков конкретен доказ, и покрај бројните апели, меѓу кои и апелот на Папата за да се ослободи тој, како и сите други луѓе кои се киднапирани во Сирија. Меѓутоа, и после четири години останува само апсолутна тишина. Со тоа е обвиена судбината на тој исусовец кој во 80-тите години успеа да ја обнови многу старата католичко-сириска монашка заедница Мар Муса, претворајќи ја во Центар за прифаќање и меѓурелигиски дијалог помеѓу христијанството и исламот, во земјата во која веќе шест години трае конфликтот.
Сириската криза, против партијата на претседателот Башар ал – Асад започна во 2011 година, но брзо се претвори во вистинска граѓанска војна. Радикализацијата на конфликтот, претворањето на силите на теренот во банди, екстремистички или криминални организации, ја поделија целата земја и конфликтот го проширија на меѓународно ниво, ја нарушија веќе нестабилната геополитичка состојба, и се спротивставија големите сили како САД и Русија.
Шестгодишниот конфликт во Сирија предизвика скоро 500.000 мртви, 12 милиони бегалци, и многу исчезнати луѓе чиј број не е возможно да се процени токму заради тамошните прилики. Тешко напредуваат и дипломатските напори околу мировните преговори, започнати на конференциите во Женева и Астана. Едно што е сигурно, и што е во постојан пораст, е бесконечното страдање на веќе измачениот народ, и бесконечната љубов која отсекогаш го вдахнувала патер Дал’ Оглиа и сите луѓе со добра волја кои се подготвени да се жртвуваат за да го спасат сирискиот народ. За нив, на 29 јули 2017 година во црквата Свети Јосиф во Рим се служеше света Литургија, на која се моли за мир и за сите луѓе киднапирани во Сирија и Ирак.
Ангажирањето на патер Паол Дал’Оглиа за хармонија и соучество со муслиманите и денес го живеат неговите собраќа во заедницата Мар Муса која што ја основаше. Меѓу нив е и патер Јухад Јусеф, кој заедно со останатите монаси и понатаму се надева и моли за ослободување на патер Паол. Соединети сме во молитвата за сите луѓе во неволја, и за сите киднапирани луѓе за кои нивните семејства немаат никакви вести. Цврсто верувам во силата на молитвата – рече патер Јусеф во разговор за Радио Ватикан.
На новинарска забелешка дека хармонијата е повикот на патер Паол, како и на сите негови собраќа, и на прашање какви се плодовите во таа смисла, патер Јусеф ги истакна плодовите на пријателство и почит кои – како што рече – никогаш не сме ги загубиле кон нашите соседи и пријатели, муслимани и христијани. Вистина е дека војната во Сирија ја погоди убавината на заедничкиот живот како единствена заедница, како едно тело, но уште повеќе, сфативме дека нашето пријателство послужи за одржување на општествата, силни и обединети. Ние сме раката на Црквата испружена кон муслиманскиот свет, сведоштвото на Евангелието кое го почитува другиот и кое настојува да ја сфати и цени неговата вера и доброто кое го поседува.
Мирот и хармонијата не паѓаат од небото – рече патер Јусеф. Затоа ние се трудиме и бараме од сите луѓе, сите религии, припадности и нации да се заземаат. Ако се заземаме за мир во Сирија, нашите напори се добри и за мир во Африка; ако се ангажираме за мир во Италија, нашите напори се за добри, за мир во Азија… Но, треба да се ангажираме и да го дадеме животот; тогаш вредностите ќе се чуваат и секогаш ќе живеат и покрај сите тешкотии – рече патер Јусеф.
РВ/к.мк