Карло Акутис, познат како „Божјиот инфлуенсер“ и „апостол на Евхаристијата“, е првиот светител од милениумската генерација
Во продолжение издвојуваме седум важни работи што треба да ги знаете за животот и сведоштвото на верата на првиот светител од милениумската генерација, Карло Акутис, заштитник на младите и на оние што работат со компјутери.
- Кој бил Карло Акутис?
Карло Акутис е роден на 3 мај 1991 година во Лондон, каде што работел неговиот татко Андреа, а набргу потоа семејството се преселило во Милано. Иако неговите родители не биле верници кои ја живееле свијата вера, Карло уште од најрана возраст покажувал духовна зрелост и љубов кон Бога и Евхаристијата. Секојдневно присуствувал на света Литургија и ја молел Бројаницата, а токму неговата вера придонела и за духовното преобраќање на неговата мајка. Карло бил весел и едноставен млад човек, секогаш подготвен да помогне и да ги брани послабите. Во училиштето се спротивставувал на неправдата, ги заштитувал децата со тешкотии и ги поттикнувал своите врсници да го почитуваат достоинството на секој човек.
- Љубовта кон Евхаристијата
Евхаристијата била средиштето на неговиот живот. Велел: „Луѓето чекаат во редици за концерти и натпревари, а не гледам исти такви редици пред Пресветата Тајна.“ Неговата љубов кон евхаристискиот Христос допрела многумина и придонела за нивно преобраќање. Меѓу нив бил и човек од неговото блиско опкружување кој од хиндуизмот преминал во Католичката црква, откако Карло го научил да моли Бројаницата и го поучувал за вистинското Христово присуство во Евхаристијата.
- Храбар сведок на верата
Карло не се плашел да го брани учењето на Црквата. Во училиштето јавно се спротивставувал на абортусот, ги штител послабите и децата со тешкотии и настојувал на своите пријатели да им ја пренесе важноста на светата Литургија, Исповедта, чистотата и човечкото достоинство. Бил познат и по својата чувствителност кон сиромашните, на кои им носел храна. Исто така, одвојувал време да разговара со бездомниците, во кои го препознавал Христовото лице.
- Млад човек на современото време
Иако бил вљубеник во технологијата и сам научил да програмира, Карло го ставил своето знаење во служба на евангелизацијата. Ги совладал основите на програмирањето и ги искористил за да создаде голема изложба за евхаристиските чуда, која подоцна била прикажувана ширум светот. Иако сакал видеоигри, одлучил никогаш да не игра повеќе од два часа неделно, бидејќи верата секогаш ја ставал на прво место. Познато е и дека сакал цртани филмови и ликови како Спајдермен и Покемон.
- Болеста и принесувањето на животот
Како тинејџер заболел од леукемија. Своите страдања ги принел за Црквата и за папата Бенедикт XVI. Изјавил дека сака „веднаш да влезе во небото“. Починал на 12 октомври 2006 година. Денес почива во Асизи, во светилиштето Spogliazione. Неговото тело е положено во стаклен саркофаг, а поклоници од целиот свет доаѓаат да се молат на неговиот гроб.
- Беатификацијата и чудата
Папата Фрањо го прогласи за блажен во 2020 година, по признавањето на чудесното оздравување на едно дете од Бразил. Второто чудо, кое го отвори патот за канонизацијата, се случило во 2022 година во Фиренца, кога млада студентка од Костарика чудесно оздравела од тешка повреда на главата, откако нејзиното семејство се молело за застапништвото на Карло Акутис.
- Неговото тело не е нераспаднато, но…
И покрај медиумските написи кои пред неколку години тврдеа дека телото на Карло Акутис било пронајдено нераспаднато, црковните извори го демантираа тоа. Надбискупот на Асизи, Доменико Сорентино, објасни дека телото на Акутис било „повторно составено со уметност и љубов“, односно дека било подложено на реконструкција. Тогашниот ректор на светилиштето во Асизи, Карлос Акасио Гонсалвес Фереира, исто така изјави дека пред јавното изложување била потребна реконструкција на лицето на Акутис.
Сепак, Црквата никогаш не ја смета нераспадливоста на телото за клучен доказ за светоста. Во постапките за беатификација и канонизација пред сè се разгледуваат херојските доблести на личноста. А свети Карло Акутис ги имал во изобилство.
Битно нет/Рашељка Земуновиќ/к.мк

