Шести ден: Душата во созерцание пред Пресветото Срце
Како мало дете што седи во скутот на својот нежен татко и ја наоѓа својата радост така што невино го милува и го гледа со љубов, така и ти во текот на овој ден биди покрај Исус.
Не напуштај го ова место на љубовта, освен ако должностите не те обврзуваат на тоа, а потоа брзо врати се за да се одмориш во присуството на овој добар Пријател.
Исус ќе биде исполнет со бескрајна радост кога ќе те види како созерцуваш, како Му се поклонуваш и колку Го љубиш. Каква неверојатна наслада: можеш ли некогаш да се измориш од восхитување на таква убавина? Тој е бескрајна љубов: можеш ли да правиш нешто друго освен да Му возвратиш со љубов? Тој е воплотено милосрдие: зар ќе се плашиш да Му зборуваш за своите беди?
За време на своите молитви и причестувања, остани понизно пред Пресветото Срце. Љуби Го, обвиј Го со миомирисот на горлива молитва за грешниците, по кои ова Пресвето Срце толку силно копнееше на земјата.
Исусе, дозволи ми да Те созерцувам и на целиот свет да му ја навестувам Твојата љубов и добрина.
Кармел-бси/к.мк

