Свети пророк Илија е светец чиј живот е обележен со навидум контрадикторни, но всушност со многу поврзани реалности: од една страна со длабока контемплација и со пустиначки осамен живот предаден само на Бога, а од друга страна со борбеност и активно заземање против наметнувањето и ширењето на паганската вера, која, предводена од кралот и кралицата, со прогонства и убивања се заканувале да се оттргне верата во вистинскиот Бог. Во таа смисла времето кога живеел Илија е многу блиско до денешното, па затоа овој старозаветен светец може и сега да ни биде пример и патоказ како да се бориме за зачувување на верата и вистинските вредности, а особено во сознанието дека Бог ја покажува својата моќ кога и на кој начин сака.
По смртта ма големиот еврејски цар Давид и неговиот син Соломон, во десеттиот век п.н.е. Израел не останала како цела држава, туку се распаднала на две царства. На Северно и Јужно, кои секое од нив имале свои цареви и свој историски развој. Главен град на Јужното царство станал Ерусалим, а на Северното – Самарија. Додека верата во Господ во Јужното кралство во поголема мера останала сочувана, во Северното царство тоа не се случило. Покрај тоа, заради политичките причини, царевите на Северното царство честопати се женеле со царици од околните народи, а тие со себе ја носеле и нивната религија.
Така било и за време на кралот Ахав (9 век пред Христос), кој се оженил со Језавела од Феникија, а која агресивно го вовела култот на богот Ваал, додека обожувањето на вистинскиот Господ Бог станало забрането. Во тоа време живеел и пророкот Илија.
Свети Илија е по потекло од Тесвит, место на источниот брег на Јордан, односно на работ од Галилејската пустина, а неговото име на еврејски значи Мојот Бог е Јахве. Би можело да се рече дека неговото име му ја обележил судбината, односно дека секојдневно потврдувал дека неговиот Бог Јахве бил и негова животна програма.
Колку агресивно царицата Језавела го воведувала култот на Ваал, а на тоа Ахав не се противел и на некој начин полека го одвратил речиси целиот народ од обожувањето кон вистинскиот Бог, сведочи и фактот како царицата наредила да се убијат сите пророци на Јахве, и вовела многу Ваалови свештеници, од кои 450 од нив биле само во нејзиниот дворец. Таквата политика на царицата и на царот му пречела на Илија, како единствен преостанат пророк, па сакале и него да го убијат.
Затоа Илија доаѓа кај царот и отворено му вели дека тој и неговото семејство го уништуваат Израил, бидејќи се оттргнале од нивната вера, па му предлага на гората Кармел, сам, како единствен преостанат пророк на Јахве да им се спротивстави на Вааловите свештеници кои живеат во дворецот, па на тој начин нему и на целиот народ да им покаже колку е силен вистинскиот Господ Бог – Јахве.
Му предлага свештениците на Ваал да заколат едно теле и да го стават на жртвеникот, но без да подметнат оган, и да го повикаат нивниот бог Ваал тој да испрати оган и да ја запали жртвата, а истото ќе го стори и Илија, повикувајќи го неговиот Бог. Чија жртва ќе се запали, тоа ќе биде знак дека тој е вистинскиот Бог.
Царот се согласил, Вааловите свештеници залудно од утрото до пладнето го повикувале нивниот бог, но ништо не се случило. Потоа Илија го поправил жртвеникот на Јахве, кој бил срушен. На него го положил телето, околу жртвеникот ископал канал, и наредил животното да се полие со вода сé додека водата не се наполни во каналот. Потоа го повикал името на Јахве и се спуштил оган од небото, ја проголтал жрвата сепаленица, дрвата, камењата и прашината, а водата од каналот се исушила. После ова беа погубени сите Ваалови свештеници. Дури тогаш народот станал свесен за Божјата големина и за вистинската вера, како и за нивното отстапување.
Иако самиот цар и понатаму продолжил по старо, подоцна Илија му ркол дека Бог ќе ја сотре неговата лоза, бидејќи правел лошо како ниеден израелски цар, па тој ќе разбере дека се одвратил од Бога и ќе се врати на вистинскиот пат. Но, неговиот син Охозиј, кој го наследил неговиот татко на престолот, ќе продолжи да му се поклонува на Ваал и ќе ги прогонува свештениците и пророците на Богот Јахве.
Сепак, упорноста на Илија во одбраната на верата со време ќе обрати многумина, така повторно ќе почне многу почесто да се обожува Јахве, иако во текот на наредните векови постојано ќе се менуваат верата и неверата, како кај царевите, така и кај народот.
Според Светото Писмо, Илија не починал, туку бил воздигнат на небото, односно додека разговарал со пророкот Елисеј, меѓу нив се спуштила огнена кола со огнени коњи, а потоа Илија качен на колата се воздигнал на небото и го снемало.
Во секој случај, свети Илија и денес ни е одличен патоказ и поттик како да ја браниме и сочуваме својата вера од различните форми на современото отфрлување на Бога, како и од притисокот на многу агресивни светски моќници врз сите оние кои сакаат да ги живеат вредностите на Евангелието.
Свети Илија го почитуваат, освен католиците, исто така и другите христијани, а значаен е и меѓу Евреите и муслиманите. Тој се повикува во заштита од бури, громови и оган, како и во другите неволји, а се поставува и како пример во искрената и посветна молитва. (…)
Свети Илија особено го почитуваат Кармелитаните, пред сé заради тоа што овој пророк многу време во самотија и молитва поминал на гората Кармел, недалеку од градот Хаифа во Израил, а исто така и заради чудесното уништување на Вааловите свештеници, дело кое Бог го направил по молба на пророкот Илија. На истото место во 12. век се основала кармелитанската монашка заедница, која се инспирира токму од таквиот свет и самопожртвуван живот каков што живеел свети Илија на оваа гора.
Животниот пат на свети Илија од една страна проникнат во молитва и тишина, а од друга страна во ревност и борбеност за одбрана на вистинската вера, за сите нас е поттик да ја негуваме христијанската молитва и секојдневно да растеме во љубовта кон Бога, но исто така и да знаеме секогаш и насекаде да ја бранеме правоверноста и да не се плашиме од денешните тирани кои ја загушуваат верската слобода, свесни дека со нас е истиот моќен Бог кој својата големина им ја покажал на сите во времето на Илија.
Вера и Дела/З.А.