Светиот Престол повикува на преговори за излез од украинската криза
Светиот Престол ја изразува својата загриженост од „ескалацијата на конфликтот во кој загинаа многу невини жртви“ и ја нагласува „итната потреба од продолжување на преговорите“. Ова се вели во соопштението на ватиканскиот портпарол отец Федерико Ломбради:
„Светиот Престол ги следи со внимание кризните ситуации во различни делови на светот, меѓу кои е и Источна Украина, вели ватиканскиот портпарол. Папата Фрањо постојано го обновува апелот во корист на мирот. Со своите охрабрувања, Светиот Отец ги повикува верниците да се молат за жртвите и за ранетите за време на насилствата и ја нагласува итната потреба од продолжување на преговорите, како единствено можен пат за излез од логиката на зголемените напади и соодветните реакции“.
По повод на различните интерпретации на зборовите на Папата, особено на Генералната аудиенција на 4 февруари за конфликтот во Украина, отец Ломбарди прецизира дека „намерата на Папата е секогаш да се обраќа кон сите засегнати страни, доверувајќи се на искрениот напор на секоја од нив за спроведување на постигнатите договори со взаемна согласност. Истовремено насочувајќи го вниманието кон принципот на меѓународното право, на кој Светиот Престол постојано се повикува уште од почетокот на кризата. Како што често знаеше да каже Свети Иван Павле II, „човештвото мора да најде храброст да го замени правото на силата со силата на правото“.
Ватиканскиот портпарол истакна дека кога има конфликти, тешко е сите да се чувствуваат задоволни и поддржани. Но ставот на Светиот Престол секогаш е за „наоѓање на договорени решенија на конфликтните ситуации и обидите за помирување секогаш се проценуваат, но не од гледната точка на политичката моќ, туку на моралната власт, која се обраќа на сите да бидат максимално склони кон почитување на животот и на мирот“.
„Светиот Отец ја очекува со радост посетата „ad limina“ на украинските епископи, што ќе се одржи од 16 до 21 февруари“, додава отец Ломбарди. „Тоа ќе биде уште една можност за средба со браќата епископи, од кои ќе се добијат директни информации за ситуацијата во оваа сакана земја, за поддршка на Црквата и на настраданите, како и за заедничка проценка за можностите за помирување и мир“.
На 21 февруари Папата ќе се сретне со германскиот канцелар г-ѓа Ангела Меркел, соопшти отец Ломбарди „Сосема нормално е кога Папата се среќава со авторитетни личности, да се разговара за актуелни теми, кои се загрижувачки“, појасни портпаролот. „Затоа сосема природно е да се зборува и за Украина“
РВ/В.Н.