Светиот Престол за Блискиот Исток: Да не стоиме и да гледаме

Да не ја гледаме немоќно кризата на Бислиот Исток; да работиме обединети за мирно решение на конфликтите – поттикна надбискупот Бернардито Ауза, постојан набљудувач на Светиот Престол при ОН, говорејќи на расправата одржана на 23 јули во Њујорк.

Пред Блискиот Исток каде што крвавите конфликти постојано се зголемуваат, не можеме да останеме немоќно да гледаме, од работ на судот. Надбискупот нагласи дека, за жал, меѓународната заедница се чини дека се навикнала на конфликтите на овие простори, и сѐ уште не успева да даде соодветен одговор.

Особено кога станува збор за Сирија, претставникот на Светиот Престол истакна дека хуманитарната криза која го погоди повеќе од половина од населението, бара обновена посветеност од страна на сите, со цел да се дојде до политичко решение на конфликтите. На оваа голема земја ѝ се заканува целосно уништување – додаде надбискупот – а заради оваа реалност треба да се остават на страна посебните интереси, со цел приоритет да им се даде на интересите на Сирија и нејзините граѓани.

На оваа територија, како и во Ирак, сѐ повеќе напредуваат терористичките дела кои ги извршува самонаречената Исламистичка држава. – рече надбискупот. Станува збор за предизвик кој не важи само за овој регион, туку и за целата меѓународна заедница која е повикана да соработува за заедничка цел, со цел да се спротивстави на терористичкото зло кое своите активности ги шири во повеќе држави. Освен тоа, кризата предизвика милиони бегалци во Либан и Јордан, на кои им е потребна солидарноста од сите луѓе. Особено за земјата на кедрите – додаде надбискупот – Светиот Престол сака брзо да се реши институционалната нестабилност, која е поврзана и со должноста на претседателот на Репубиката кој е на чело не повеќе од една година.

Не заборавајќи ги страдањата на сите народи, надбискупот потсети на потешкотиите во кои живеат христијаните, како и другите верски групи и етнички малцинства, а поради кои многумина се принудени, па дури и со сила, да ги напуштат своите домови. Намалувањето на присутноста на христијаните е голема загуба за целиот регион – истакна постојаниот набљудувач при ОН. На овие простори христијаните се присутни со векови и се надеваат дека ќе можат да продолжат да соработуваат со своите сограѓани во градењето на хармонични општества, работејќи за општото добро, како промотори на мирот, помирувањето и развојот.

Надбискупот Ауза исто така изрази задоволство заради иранскиот нуклеарен договор помеѓу Иран и групата 5+1, т.е. САД, Франција, Велика Британија, Кина, Русија и Германија. Освен тоа, тој го спомна и потпишувањето на општиот договор, на 26 јуни, помеѓу Светиот Престол и државата Палестина. Тоа го покажува напредокот кој таа земја го има постигнато во последниве години, на која ОН ѝ беше дал статус на набљудувач како земја не членка.

Желбата на Светиот Престол е – изјави надбискупот – овој договор да биде мотив за да се постигне решението помеѓу двете држави, ставајќи крај на долгиот израелско-палестински конфликт и да даде добар пример за дијалог и соработка во слоевитата реалност на Блискиот Исток. Во тој поглед, надбискупот Ауза потсети на зборовите на папата Фрањо, кои ги изрече за време на минатогодишното апостолско паување во Светата Земја, кога ги поттикна да се најде храброст за траен мир. Ватиканскиот претставник на крајот повторно истакна дека мировниот процес може да напредува само доколку заинтересираните страни директно преговараат, со поддршка на меѓународната заедница.

РВ/З.А.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк
Категорија: Свет

За авторот