Mонсињор Фабијан Свалина е новиот Сремски бискуп

Mонсињор Фабијан Свалина е новиот Сремски бискуп

Канцеларијата за печат на Светиот Престол во среда 14 февруари 2024 година, објави дека папата Фрањо го прифати повлекувањето на монсињор Ѓуро Гашпаровиќ од пасторалното раководење со Сремската бискупија, со што нов диецезански бискуп стана досегашниот бискуп коадјутор Фабијан Свалина.

Монсињор Фабијан Свалина е роден во 1971 година во Ѓаково. Завршува теологијана Католичкиот богословски факултет во Ѓаково, а во 1997 година бил ракоположен за свештеник на Ѓаковската надбискупија. Прво бил парохиски викар во Осиек, а подоцна и воспитувач на Меѓубискупската семинарија во Загреб.

Од 2008 до 2010 година е секретар и канцелар на Ѓаковско – осиечката надбискупија, а потоа, седум години заменик генерален секретар на Хрватската бискупска конференција. Во 2010 година, е именуван за директор на Хрватски Каритас. Со одлука на хрватските бискупи во 2017 година, ја презема и должноста директор на Хрватската католичка мрежа, во која спаѓаат Хрватското католичко радио, Католичката информативна агенција, новите медиуми и веб -страницата на Хрватската католичка мрежа.

Покрај тоа бил и член на Одборот за посета на папата Бенедикт XVI на Хрватска и бројни други одбори, комисии и работни групи во системот на Хрватската бискупска конференција. Како директор на Хрватски Каритас бил член на различни оперативни тела и координација на надлежните државни органи за итна помош, хуманитарни и социјални активности.

На 7 октомври 2021 година Папата Фрањо го именува монсињор Фабијан Свалина за коадјутор бискуп во бискупијата Срем.

На празникот Христос Цар во недела 21 ноември 2021 година во катедралата Свети Димитриј во Сремска Митровица, секретарот на Светиот Престол за односи со државите, надбискупот Пол Ричард Галагер, заедно со монс. Ѓуро Храниќ, надбискуп и митрополит Ѓаковско-осиечки и монс. Ѓуро Гашпаровиќ, бискуп Сремски, го хиротонисаа монс. Фабијан Свалина за коадјутор бискуп Сремски.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Вести, Свет

За авторот