Светиот Престол го осудува сквернавењето и уништувањето на верските симболи и местата за богослужба
Вршителот на должноста во мисијата на Светиот Престол при Обединетите нации во Женева, монс. Џон Дејвид Пуцер, на 53. редовна седница на Советот за човекови права зборуваше за проблемот на се поголемиот број на умислени и јавни дела извршени од омраза кон верата. Тој ја изрази својата загриженост за настаните со Куранот во Шведска и апелираше да не се злоупотребува дарот на слободата на изразување, бидејќи на тој начин се поттикнува омраза, нетрпеливост и насилство.
Светиот Престол остро го осуди сквернавењето, уништувањето или непочитувањето на верските предмети, симболи и верски богослужни места. На 53. редовна седница на Советот за човекови права на Обединетите нации во Женева, вршителот на должноста на Постојаната мисија на Светиот Престол, монс. Џон Дејвид Пуцер на дебатата зборуваше за загрижувачкиот пораст на намерни и јавни дејствија на омраза кон верата, како што се гледа во повременото сквернавење на Куранот во некои европски земји, но и пошироко.
Настанот во Шведска
Монсињор Пуцер особено се осврна на неодамнешниот настан во Шведска, кога на крајот на јуни демонстрант со ирачко потекло запали света книга за исламот пред џамијата Медборгарплатсен во Стокхолм, на почетокот на тридневната прослава на Курбан Бајрам, еден од најважните празници во муслиманскиот свет. Овој гест предизвика силни полемики и протести ширум светот. На овој настан се осврна и папата Фрањо во интервју за весникот од Обединетите Арапски Емирати „Ал-Итихад“, во кое рече дека е огорчен и згрозен од овие постапки. Секоја книга што сопствениот народ ја смета за света – додаде Папата – мора да се почитува од почит кон верниците, а слободата на изразување никогаш не смее да биде изговор за презир кон другите. Таквото допуштање мора да се отфрли и осуди – рече во интервјуто папата Фрањо.
Напади врз достоинството на верниците
Потсетувајќи на зборовите на Папата, пратеникот на Ватикан во Обединетите нации во Женева, покрај осудата, ја изрази и загриженоста на Светиот Престол. Неодамнешното палење на Куранот на првиот ден од муслиманскиот празник Курбан Бајрам е особено загрижувачко, бидејќи значењето на тој свет ден беше омаловажено – рече тој и додаде: Верското уверување е израз на човековата потрага по вистината, смислата и целта на животот. Како такво, намерното навредување на верските уверувања, традиции или свети предмети е напад на човечкото достоинство на верниците.
Злоупотреба на дарот на слободата на изразување
Од друга страна – според вршителот на должноста – потребна е поцелосна свест за фактот дека нечесните актери често вршат дела на верска нетрпеливост преку злоупотреба на скапоцениот дар на слободата на изразување, за да предизвикаат неразмерна реакција. На тој начин тие ја поддржуваат омразата, нетрпеливоста и насилството, во свет кој веќе е обележан со војни и конфликти, и во кој – како што често повторува Папата – е потребно братство, лек за раните на ова време – рече монс. Џон Дејвид Пуцер, вршител на должност на Постојаната мисија на Светиот Престол при Обединетите нации во Женева.
Ватикан њуз/к.мк