Светиот Отец се сретна со претставници на италијанската полиција
Светиот Отец на 22 јануари ги прими во аудиенција лицата од италијанската полиција кои се грижат за безбедноста на Ватикан, со цел со нив да си разменат желби за поуспешна нова година, во која се одбележуваат 70 години делување на италијанската полиција на просторот околу Свети Петар.
Изразувајќи ја потребната почит за нивната работа која секојдневно ја извршуваат професионално и предано, Папата говореше за очекувањата и надежите. Пред нас гледаме сенки и опасности кои го загрижуваат човештвото, рече папата Фрањо и истакна дека ние како христијани сме повикани да не паднеме со духот и да не се обесхрабриме. Нашата надеж се темели на цврста карпа, на Божјата љубов, објавена и дарувана во Исус Христос, нашиот Господ, рече Папата и потсети на зборовите на апостолот Павле: „Кој ќе не раздели од Христовата љубов? Можеби неволјата? Потешкотијата? Прогонството? Гладта? Голотијата? Смртта? Мечот?… Во сето тоа надмоќно победуваме по оној што нѐ засака (сп. Римјаните 8, 35.37)“.
Италијанската полиција, забележа Светиот Отец, има задача да ги надгледува и чува местата кои се многу важни за верата и за животот на милионите поклоненици, а и бројните лица кои доаѓаат да го посетат срцето на христијанскиот Рим, неретко се обраќаат до полициските агенти. Нека секој во ваше присуство почувствува помош, заштита и ваша грижа. Сите сме повикани да бидеме чувари на својот ближен. Господ ќе не запраша за доверената ни одговорност, за доброто или лошото кое му го имаме направено на ближниот, истакна Папата.
На крајот Светиот Отец ја повика мајчинската заштита на Дева Марија на почетокот на оваа година. На неа да ја довериме секоја наша грижа и надеж за да можеме во секоја животна ситуација, да сакаме, да се радуваме и да живееме во верата во Синот Божји кој за нас стана човек, рече папата Фрањо.
РВ/В.Н.