Светиот Отец: Светиот Дух нѐ гони да чекориме напред
Ватикан, 16.4.2013 /к.мк/ – Светиот Дух ги поттикнува луѓето и Црквата да чекорат напред, но често пати ние се противиме и не сакаме да се промениме. Ова го истакна папата Фрањо за време на денешното размислување на светата Литургија во капелата на домот Светаа Марта, на која присуствуваа претставници од Гувернаторството на Ватикан.
На почетокот од светата Литургијата папата Фрањо спомна за роденденот на почесниот папа Бенедикт XVI, кој денес полни 86 години:
„Оваа света Литургија ја принесувам за него за да Господ биде со него и да му биде утеха”.
Во размислувањето папата Фрањо говореше за првото читање наменето за денешната света Литургија каде што се опишува мачеништвото на свети Стефан, кој пред да биде убиен со камења навестува за Христовото воскресение, при што на присутните им говори: О, тврдоглави, со необрежани срца и уши! Вие секогаш Му се противите на Светиот Дух, како вашите татковци така и вие! (Дела 7, 51). Исто така и Исус ги укорува учениците на патот за Емаус: „О, безумни и тврди по срце, да верувате во сѐ што рекле пророците!“ Секогаш, дури и меѓу нас, истакна Папата „постои овој отпор кон Светиот Дух”.
„Присуството на Светиот Дух ни пречи, бидејќи нѐ гони да чекориме напред, ја турка напред Црквата. Ние сме како свети Петар во моментот на Преображението Господово, кој вели: „Господи, добро ни е да бидеме овде; … и не треба да ни пречи. Сакаме Светиот Дух да се скроти, сакаме да Го смириме. Но, тоа не може да се случи, зашто Тој е Бог, Тој е оној ветар, кој го чувствуваме, но не знаеме од каде доаѓа. Тој е силата на Бог, Тој ни дава утеха и сила да чекориме напред. Но тоа понекогаш ни пречи, бидејќи нема ништо поубаво од удобноста”.
Денес, констатира Папата, изгледа дека „сите се задоволни од присуството на Светиот Дух, но не е така”. Тоа искушение е присутно и во современоста, рече Папата и како пример го посочи Вториот Ватикански собор:
„Соборот е дело на Светиот Дух. Сетете се на папата Иван ХХІІІ: изгледаше како обичен парохиски свештеник, но сепак беше послушен на Светиот Дух. Дали 50 години подоцна го направивме она што на Соборот ни го кажа Светиот Дух? Со оној континуитет на раст на Црквата, што беше цел на Соборот? Не. Ја прославуваме неговата годишнина, но тој не треба да ни пречи. Не сакаме да се промениме. И уште повеќе: има такви кои сакаат да се вратат назад. Ова се нарекува тврдоглавост, тоа значи да се „скроти Светиот Дух”, тоа значи да станеме „неразумни и тврди по срце”.
Истото се случува и во нашиот живот, истакна Папата. „Духот нѐ турка да појдеме по патот на Евангелието, но ние се противиме”. Поради тоа Светиот Отец повика: да не се „противиме на Светиот Дух, затоа што Тој нè прави слободни, со слободата на Исус, со слободата на чеда Божји”:
„Да не се противиме на Светиот Дух: тоа е благодатта, која треба да ја измолиме од Господ: послушност кон Светиот Дух, кон оној Дух, кој доаѓа кај нас и нè гони да чекориме напред по патот на светоста, кој што ја прави Црквата да биде прекрасна: Благодат на послушност кон Светиот Дух. Амин”.