Светиот Отец: Да се молиме за саканата Сирија
Ватикан, 2.6.2013 /к.мк/ – Празникот тело и Крв Христови не поканува да го промениме срцето, да не бидеме затворени во себе и да го поделиме она малку кое го поседуваме. Ова го истакна папата Фрањо на молитвата Ангел Господов, која ја молеше во недела 2 јуни на преполниот плоштад Свети Петар. Покрај тоа Папата ја изрази својата „загриженост” за конфликтот во Сирија кој трае веќе повеќе од две години и кој сериозно се одразува врз невиното население, кое копнее за мир, правда и разбирање. Папата Фрањо упати апел за ослободување на киднапираните во Сирија и вети дека ќе се моли за „оваа напатена земја”:
„Тешката воена ситуација со себе носи драматични последици: смрт, разрушување, огромни економски и еколошки последици, како и киднапирања.“ Осудувајќи ги овие факти, папата Фрањо ја гарантира својата молитва и солидарност со киднапираните и нивните блиски и апелираше до киндаперите да ги ослободат жртвите. „Да се молиме за саканата Сирија.“, повика Светиот Отец.
Има многубројни конфликтни ситуации во светот, но заедно со тоа има и многу знаци на надеж“, дополни Папата. Така тој ги наведе неодамна направените „чекори кон помирување и мир во некои латиноамерикански држави“. Чекори кои треба да бидат придужувани со „нашата молитва“.
Пред тоа Папата говореше за чудото со умножувањето на лебовите и рибите во Евангелието на Лука (Лука, 9,11-17), и стави акцент на однесувањето на апостолите, кои нудат „реално решение кое не создава многу проблеми”: да се отпушти народот да оди по околните села и колиби и да си најде храна.”
Однесувањето на Исус е сосема поинакво и е мотивирано од сојузот со Неговиот Отец и од сожалувањето кон народот, кое што го искажува и кон нас – рече Папата. Исус ги слуша нашите проблеми, сочувствува со нашите слабости и потреби. Пред да ги умножи петте лебови Тој мисли за Божјата промисла! Од малку, Бог може да го извлече неопходното за сите. Исус целосно се доверува на Небесниот Отец, бидејќи знае дека за Него нема ништо невозможно”.
Поради тоа Исус и вели на учениците „кажете им да поседнат на купчиња по педесет”, објасни Папата. Тоа „не е случајно: означува дека тие не се повеќе толпа, туку заедница, која се храни со лебот Божји. После тоа Исус „ги зеде петте лебови и двете риби, погледна кон небото, ги благослови“ и очигледно е дека тоа се однесува за Евхаристијата.
„Еве го чудото“ – извика Папата: тоа не е толку во умножувањето на лебовите, туку во делењето, поткрепено со вера и молитва. Сите јадат и сите се наситуваат: тоа е знакот од Исус, лебот Божји за човештвото”.
Ученици го гледаат ова „но не сфатија најдобро”, продолжи Папата Фрањо. Како и мноштвото, така и тие се обземени од ентузијазмот на успехот. Односно, појасни уште еднаш Светиот Отец тие ја „следат човечката логика, а не Божјата, која што е логика на служење, љубов и вера.”
„Празникот Тело и Крв Христови не повикува да ги преобратиме срцата кон вера во Божјата промисла и да можеме да го поделиме она малку кое што го поседуваме и да не се затвориме во нас – заврши Папата. Да молиме од нашата Мајка Марија да ни помогне во преобраќањето, за да можеме навистина се повеќе и повеќе да го наследуваме Исус, кој што го обожаваме во Евхаристијата.“ (го*ко)