Светиот Отец го прими капитенот на Интер Хавиер Занети

Ватикан, 26.4.2013 /к.мк/ – Во четврток 25 април попладне капитенот на фудбалската екипа Интер од Милано, Хавиер Занети заедно со своето семејство, беше примен во приватна аудиенција од Светиот Отец.

„Претставуваше една емоционална средба, бидејќи уште од моментот кога беше избран папата Фрањо, мојата прва желба беше да го сретнам. Денес можев тоа да го направам и за мене претставуваше голема привилегија. Пред мене наидов на една едноставна личност, со огромно срце, која ќе ги вложи сите потребни напори за да им помогне на верниците“. Тоа беа првите зборови на капитенот на Интер веднаш по средба.

Средбата беше приватна, во домот Санта Марта и траеше нешто повеќе од еден час. На средбата Хавиер Занети и Светиот Отец размениле лични искуства поврзани со животот помеѓу Аргентина и Италија. А исто така станало збор и за актуелните проблематики што заслужуваат внимание. Капитенот го запознал Светиот Отец со работата на „Inter Campus“ (проект на екипата на Интер за згрижување и здрав напредок на децата што сакаат да играат фудбал од повеќе земји во светот) и на неговата фондација „P.U.P.I.“, (фондација чиј основач е Хавиер и што се грижи да обезбеди на децата основни услови за здрав живот како што се храна, образование, хигиенски услови и друг вид помош за нивните семејства).

Папата како подарок од капитенот на Интер го доби неговиот дрес со број 4, капитенската лента со знамињата на Италија, Аргентина, Ватикан и иницијалите на Хавиер Занети, книга за Inter Campus со посвета напишана од претседателот на клубот Масимо Морати и еден украс од фондацијата P.U.P.I. Светиот Отец му подари украс со неговиот папски грб.

(В.Н.)

Категорија: Ватикан

За авторот

Write a Comment

<