Света Тереза Авилска: Пронаоѓање на вистинската среќа

Света Тереза Авилска: Пронаоѓање на вистинската среќа

Овие 7 совети од Света Терезија Авилска нека ви помогнат да ги воочите малите детали во вашите животи, оние кои навистина се важни.

Денес сите зборуваат за среќата. Ако го набавите најновиот модел на автомобил, ќе бидете среќни. Ако го купите апартманот на плажата, ќе бидете среќни. Ако ве унапредат во работата, ќе бидете среќни. И многу други слични ситуации. Мислите ли навистина дека работите или успехот може да ве направат среќни?

Света Тереза од Исус поминувала низ време на преобраќање дури и после откако се посветила на животот со Бог како монахиња кармелитка. Како и многу други, својата надеж ја полагала во минливите работи и не била фокусирана на вечниот Бог која што го наследувала. Но, еден ден, многу години после влегувањето во манастирот, Исус ѝ го допрел срцето и таа великодушно му одговорила. Нејзиниот живот после таа средба се променил. Сите ние можеме да му дозволиме на Бог да ни дојде во пресрет – тогаш нашиот поглед ќе остане на работите кои навистина се важни. Тоа што следи е молитва од Света Тереза Авилска во која низ седум совети го резимира своето искуство во пронаоѓањето на вистинската среќа и близината Божја, т.е. она што е најважно во нашите животи.

„Ништо нека не те вознемирува”

Вознемиреноста се јавува кога се концентрираме само на земните работи. Душата тогаш станува немирна. Не наоѓа мир. Го барам, но неможам да го пронајдам. Дали ви се случило тоа? Ако одете на неделна литургија, молете секојдневни молитви и Бројаница, а тоа ви се случува, не грижите се, бидејќи сето тоа е нормално. Исус ни упатува повик преку Света Тереза да ги воздигнеме своите мисли кон Него. Тоа значи да оставиме сѐ зад себе од земскиот поглед за да можеме да гледаме што се случува, гледајќи со очите на верата. Исус во своето срце има место за тебе, за да отпушти сѐ што те заморува – војни, кавги и омрази. Своите грижи предај ги во Неговите раце. Ништо нека не те вознемирува. Прифати ја својата сегашност, моли се и гледај како Бог се грижи за сѐ. Тогаш кога се ќе предадеш на Неговото срце, ќе се ослободиш од сите земни работи и ќе добиеш сила да се соочиш со овој свет. Но, претходно треба да се предадеш на Него, да се ставиш во Неговите раце, затоа што тоа е вера и тоа е верување и надевање на Бог. Тој ја создал вселената, предади му сѐ и насочи го својот поглед кон Небото.

„Но Он им рече: „Што се плашите и зошто такви мисли влегуваат во срцата ваши? Видете ги рацете Мои и нозете Мои: Јас сум Истиот; допрете се до Мене и гледајте; зашто духот нема тело и коски, а, како што гледате, Јас имам“ (Лука 24, 38 – 39).

„Ништо да не те плаши”

Ние го следиме Исус и нашата надеж е во Него. Потребна е храброст за да бидеме католици. Не е лесно да се брани нашата вера во општество кое е веќе испразнето од вредности. Ние не ги наметнуваме нашите ставови, ние со вистината ја расветлуваме темнината. Возвишено е нашето послание! Веруваме ли навистина во тоа? Да ги држиме главите над сѐ, да знаеме дека сме на вистинскиот пат, значи да се има храброст за оваа борба во која се користат поинакви оружја: љубов, простување, вистина и вера. Затоа, кога Христос го навестувате на другите, немојте да се грижите за тоа што тие ќе мислат, затоа што тие ќе го видат вашето срце. Ништо во овој живот да не ве плаши. Стравот е како морфиум, умртвува, а понекогаш и парализира. Кога го имате Исус, не ви треба морфиум, затоа што Тој е со вас, можеме да се соочиме со било што.

Нека дојде што треба да дојде, ништо нема да ме раздели од Бог кој чекори низ мојот живот. Тоа е милост која мораме да ја побараме. Немојте никогаш да ја завршите молитвата, а од Бог да не побарате милост за зацврстување во јакоста.

„Кој ќе нè одвои од љубовта Божја; тага ли, неволја ли, или гонење, глад ли, или голотија, опасност ли или меч? Но во сето ова победуваме преку Оној, Кој нè возљуби. Оти сигурно знам дека ни смртта, ни животот, ни ангелите, ни властите, ни силите, ни сегашнината, ни иднината, ни височината, ни длабочината, ниту, пак, некоја друга твар ќе може да нè оддели од љубовта Божја во Христа Исуса, нашиот Господ“ (Римјани 8, 35. 37 – 39).

„Сѐ поминува”

Погледни околу себе. Што гледаш? Можеш ли да ја осознаеш „славата на светот”? Парите, купопродажбите, славата, успехот, признанието, моќта. Сето тоа е празна слава. За што ти служи? Може ли да ја понесеш со себе после смртта? Сето тоа ќе исчезне. Замисли да поминеш 80 години пробувајќи да постигнеш успех, слава, моќ, пари, и конечно да го оствариш тоа и да дојде смртта. За ништо не ти користи. Од друга страна, борбата за да се достигне вечната слава во Божјата присутност има вистинска вредност. Мораме да се ослободиме од стереотипите дека да се биде католик е нешто што нѐ заробува или ограничува во различни обрасци и прописи. Тоа е огромна лага! Колку сте поблиску до Бог, толку повеќе ќе имате слобода. Колку сте понезависни од работите на овој свет, ќе имате повеќе слобода. Нека оваа празна слава на овој свет ви биде пример да ја откриете вистинската, небесната слава, за која се исплаќа да се бориме; слава која ќе ве направи вистински среќници овде на земјата, а ќе стане заразна и за другите, а за тоа нема да бидете ниту свесни.

„Зашто нашите сегашни лесни страдања ни донесуваат во голема изобилност вечна и полна слава, имајќи го предвид не видливото, туку невидливото, бидејќи видливото е времено, а невидливото – вечно“ (2 Коринтјани 4, 17 – 18).

„Само Бог останува ист”

Многу луѓе мислат дека Бог е како сладолед чиј вкус може да се избира. „Сакам топка сладолед од чоколадо и јагода со чоколадни ронки на врвот.” Ако не добиете тоа што го сакате, нема да платите, ниту пак ќе го јадете. Е, Бог не е таков. Бог е татко, а татковците не ни го даваат секогаш тоа што го сакаме, ни даваат она што ни е потребно. Отецот знае што е најдобро за неговите деца затоа што ги познава. Бидејќи своите деца ги сака, тој ги поправува од време на време и ги предупредува. Отецот знае што е најдобро за неговите деца. Колку ли само Бог нѐ сака повеќе од тоа? А ние упорно и секогаш го гледаме него за да го заработиме она што го сакаме. Некогаш мораме и да чекаме, затоа што некој дошол на ред пред нас. Кога мислите дека Бог не ви е близу, или веќе не ве гледа, морате да знаете дека Бог е секогаш присутен во вашиот живот. Тој го познава секој ваш здив. Верувајте Му. Дозволете Му да ве обликува и поправува. Секогаш ќе ви го даде она што ви треба, но нема секогаш да ви го даде она што вие го сакате.

„И сте ја заборавиле утехата, која на вас, како на синови, ви зборува: „Сине мој, не презирај ја казната од Господа и не опаѓај со духот, кога те изобличува, зашто Господ го казнува оној, кого што го сака; го бичува секој син, кого што го прима”. Ако трпите казна, Бог со вас постапува како со синови. Зашто кој е тој син, кого што таткото не го казнува?“ (Евреите 12, 5 – 7)

„Кој е стрплив тој сѐ постигнува”

Стрпливоста е плод на Светиот Дух, на Кој некои заборавиле. Иновациите и технологиите прават сѐ околу нас да оди забрзано. Сакаме сѐ сега! Чекањето не е многу популарно. Велат дека стрпливоста е уметност за постигањето на мирот, мирот со самите себе, со другите и со Бог. Тоа е чекање без вознемиреност, спознание дека сѐ се случува во свое време. Но, навистина е тешко. Сепак, еве совет: мораме Бог да го молиме да ни го додели тој плод. Нема љубов без стрпливост. Можеме да бидеме сигурни како со вера и надеж можеме сѐ да оствариме. „Сакам да имам подобар однос со својата сопруга”. Биди трпелив. „Сакам да ги променам своите слабости”. Биди трпелив.

„Не знам како да постапам со братот кој се однесува бунтовно.“ Биди трпелив. Стрпливоста е многу важна, но секако нема да ја ставиме настрана, ниту верата, ниту љубовта, ниту надежта, сето тоа заедно со стрпливоста.

„Радувајте се, браќа мои, кога ќе паднете во разни искушенија, знаејќи дека испитувањето на вашата вера создава трпеливост: трпеливоста, пак, нека ви биде совршена работа, за да бидете совршени и целосни, без никаков недостаток. Ако некому од вас не му достига мудрост, нека моли од Бога, Кој на сите им дава изобилно и без укор – и ќе му се даде. Но да се моли со вера и никако да не се сомнева; оти оној, кој се сомнева, прилега на морски талас, кого ветрот го издига и растура“ (Јаков 1, 2 – 6).

„Кој го има Бог има сѐ“

Овде ќе истакнеме две работи. Прво, неможеме да дозволиме нашиот грев да нѐ спречува на патот кон Бога. Никогаш! Не смееме да дозволиме гревот да нѐ потопи во темната бара на очајот. Ако грешите, покајте се, исповедете се и Бог ќе ви прости. Секогаш одново покајте се за своите гревови, но никогаш немојте да се откажете. Морате да знаете нешто што папата Фрањо многу пати го повторува – никогаш немојте да стапете во разговор со ѓаволот. Подигнете го високо својот поглед и продолжете по својот пат. Кога Бог е со вас, злото никогаш нема да ве победи. Второ, за католикот, Бог е богатство. Ако во ова верувате, никогаш нема да барате злато во калива река. Замислете ковчег полн со прекрасни бисери, така, многу повеќе од тоа е нашиот Бог. Бог е најголем! Нека дојде сѐ што треба да дојде, во Него е мојата радост и ништо не ми недостига. Кога Бог е вашето богатство, ништо нема да ви недостига.

„Не собирајте богатства на земјата, каде што ги јаде молецот и ‘рѓата, и каде што крадците ги поткопуваат и крадат; но собирајте си богатства на небото, каде што ни молец, ниту ‘рѓа ги јаде, и каде што крадци не ги поткопуваат, ниту крадат; зашто, каде што е богатството ваше, таму ќе биде и срцето ваше“ (Матеј 6, 19 – 21).

„Единствено Бог е доволено“

Каде ја наоѓам својата сигурност? Во банка, компанијата, славата, парите? Како што рековме претходно, тоа ќе избледи. Да живеете на улица, без ништо, без телефон, без облека, без луксуз и удобност, дали и понатаму би го сакале Бог? Тоа е тоа! Дури и по цена сѐ да загубите, сѐ уште би требало да останете верни на Бог. Некогаш едната нога ви е во Црквата, а другата надвор, во светот. Нашите чекори мора да бидат цврсти. Кога Бог е нашата сигурност, нашите животи се менуваат и преобразуваат. На кого му е грижа за материјалните работи? На кого му е грижа дали имам она или ова? Единствено што ми е потребно е Бог да чекори покрај мене! Единствено Бог е доволен! Бог дава сѐ! Дури и кога се жалиме и тагуваме. Ставете ги очилата на верата и зачекорете кон Бог, тоа ни е следната задача. Направете го тој чекор!

„Затоа сметам дека и сè друго е штета спрема преважното познавање на Христа Исуса, мојот Господ, поради Кого се одреков од сè, и се сметам за отпад, само за да Го придобијам Христа и да се најдам во Него, не со својата од Законот праведност, туку со придобивката преку верата во Христа, односно со праведноста од Бога преку верата; за да Го познавам Него, и силата на Неговото воскресение, и учеството во Неговите страдања, грижејќи се мојата смрт да биде слична со Неговата, та некако да го достигнам воскресението на мртвите“ (Филипјаните 3, 8 – 11).

Нека овие седум совети од Света Териза Авилска ви помогнат да ги воочите малите детали во вашите живот, оние работи кои се навистина важни. Да го насочиме нашиот поглед кон Бог. Католиците се зацврстуваат во својата вера знаејќи дека Бог ги сака, за да го искусат Неговото милосрдие преку оние со кои живеат. Нашиот поглед да биде насочен кон Бог, овој свет би бил сосема поразлично место. Да се радуваме затоа што сме инструменти во Божјите раце. Нека верата биде жива, надежта неминлива, љубовта распламтена и да кажеме со света Тереза: „Ништо нека не ме плаши, ништо да не ме вознемирува. Сѐ поминува. Само Бог останува ист. Кој е стрплив сѐ постигнува. Кој го има Бог има сѐ. Едиствено Бог е доволно.“

Битно.нет/к.мк

Категорија: Вера, Духовност

За авторот