На празникот Рождество Христово во парохиската црква „Свети Иван Крстител“ – Струмица се служеше света Литургија која ја предводеше о. Гоце Костов, во заедништво со парохискиот викар о. Атанас Сирачев. На светата Литургија присуствуваа голем број верници од парохијата, кои за празникот Рождество Христово, се подготвија со Деветница, како и Исповед. Исто така парохијата овозможи болните, немоќните и стари лица за празникот Рождество Христово да бидат исповедани и причестени во нивните домови.
На 4 јанаури заврши акцијата „Подари љубов“ со што на повеќе од 20 болни, стари и осамени лица им беа подарени бадникови пакети, направени од донациите на верниците.
На 5 јануари по завршувањето на Деветницата за празникот Рождество Христово, децата и младите од веронаучните групи во дворот на Црквата го прикажаа витлеемскиот настан со т.н. Жива пештера.
На Бадник, 6 јануари 2018 година децата од веронаучната група, поделени во повеќе групи ги посетија домовите на верниците, навестувајќи им го Рождеството Христови ги повикаа да се поклонат на Богомладенецот Христос, кој ги чека на божиќната света Литургија.
На вториот ден на Божиќ, 8 јанаури децата и младите за присутните верници изведоа Божиќна претстава, збогатена со божиќни песни, а под раководство на о. Атанас Сирачев.
РВ/к.мк