Папата: Без Бог не можеме ништо да направиме

Папата: Без Бог не можеме ништо да направиме

Светот од христијаните очекува заедничко сведоштво, католиците и лутераните заедно да го навестуваат Словото Божјо – е поттикот на папата Фрањо кој го упати во лутеранската катедрала во Лунд во Шведска, по повод заедничката екуменска молитва.

Тоа беше еден од најважните моменти од 17 апостолско патување на папата Фрањо на кое појде по повод екуменската комеморација за 500 годишнина од лутеранската реформа и за да се сретне со католичката заедница во таа земја.

Светиот Отец на аеродромот во Малме пристигна некаде пред 11 часот и во вип салонот е одржана приватна средба со шведскиот премиер. Пристигнувајќи потоа во Лунд, Папата појде во посета на шведското царско семејство, а после тоа во лутеранската катедрала каде беше одржана заедничка екуменска молитва во рамките на лутеранско-католичката комеморација за Реформата. Во својата проповед Папата истакна дека поделбата беше неизмерен извор на страдање, но исто така помогна за да се разбере дека без Господ „не можеме ништо да направиме.“

Бог е Господар на лозјето и единствено што сака е како жива лоза да останеме соединети со неговиот Син Исус. Папата со тие зборови го истакна најдлабокото значење на екуменското движење кое во тој момент во катедралата го имаше својот историски момент. Светиот Отец веднаш истакна дека со таа посета сака да ја изрази – како што рече – заедничката желба да останеме соединети со Него за да имаме живот.

Католиците и лутераните започнавме заедно да одиме по патот на помирувањето – рече Папата. Сега во рамките на заедничката комеморација за реформата од 1517 година, имаме уште една можност да прифатиме заедничко одење кое во текот на последните педесет години е обликувано преку екуменскиот дијалог. Не можеме да се предадеме на поделбите и оддалеченоста кои предизвикаа раздвојување меѓу нас. Имаме можност да го поправиме клучниот момент од нашата историја, надминувајќи ги различните мислења и спорови кои често нѐ спречуваа за взаемно разбирање – истакна Папата.

И ние треба со љубов и почит да гледаме на нашата историја, да ја признаеме грешката и да молиме за прошка – рече Папата и истакна – само Бог е судија. Со еднаква почит и љубов треба да се признае – додаде – дека нашата поделба се оддалечи од првичното сфаќање на Божјиот народ кој секако тежнее да остане соединет и историски повеќе ја одржуваа моќниците од овој свет отколку волјата на верниот народ. Сепак – рече папата Фрањо – од двете страни постоеше искрена желба за исповедување и заштита на вистинската вера, но исто така сме свесни дека сме се затвориле во себе од страв или предрасуди кон верата која другите ја исповедаат со некој поинаков акцент или јазик.

Поделбата без сомнеж беше неизмерен извор на страдање и недоразбирање – рече папата Фрањо – но истовремено ни помогна искрено да станеме свесни дека без Господ не можеме ништо да направиме давајќи ни можност подобро да ги сфатиме некои аспекти на нашата вера. Со благодарност признаваме дека реформата придонесе Светото Писмо повеќе да биде во центарот на животот на Црквата – рече и праша – Како можеме да го имаме милосрдниот Бог? Тоа прашање постојано го мачело Лутер – додаде Папата. Навистина прашањето за исправниот однос со Бог е одлучувачко прашање за животот.

Лутер тој милосрден Бог го открива во Радосната вест, Исус Христос овоплотен, умрет  и воскреснат – рече Светиот Отец и додаде – Со поимот „само преку милоста Божја“ нѐ потсетува дека Бог секогаш има иницијатива и дека му претходи секој човечки одговор и тоа во истиот момент во кој настојува да поттикне на тој одговор. Науката за оправдување ја изразува суштината на човечкото постоење пред Бог – истакна папата Фрањо.

Тоа е сведоштвото кое светот го очекува од нас. Како христијани ќе бидеме веродостојно сведоштво на милордието во мерката во која прошката, обновата и помирувањето ќе бидат секојдневното искуство меѓу нас – рече Папата и додаде: Заедно можеме да навестуваме и конкретно и радосно да го изразуваме Божјото милосрдие, заштитувајќи го достоинството на секој човек и служејќи му. Без тоа служење на светот, и во светот, христијанската вера е непотполна. Лутерани и католици да молиме заедно во оваа катедрала и да бидеме свесни дека без Бог не можеме ништо да направиме; да молиме за Неговата помош за да бидеме живи делови соединети со Него, секогаш во потреба за Неговите милости, за Неговото Слово да можеме заедно да го носиме во светот на кој му е потребна Неговата нежност.

На крајот на молитвата папата Фрањо и претседателот на Лутеранската светска федерација бискупот Муниб Јоунан потпишаа заедничка изјава. Во изјавата католиците и лутераните се обврзуваат да продолжат со својот дијалог за да се отстранат и преостанатите пречки кои пречат за постигнување на потполно единство.

Исто така во изјавата се истакнува посветеноста на заедничкото сведочење во корист на сиромашните, оние во потреба и жртвите на направдата.

РВ/к.мк

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма за умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот