РАЗМИСЛУВАЊА НАД ХРИСТОВИТЕ СТРАДАЊА

IV Исус ја сретнува својата мајка

Лука 7,11-17

 Колку повеќе човекот напредува во духовниот живот, толку повеќе наидува на потешки крстови, бидејќи колку што љубовта е поголема, толку посилно чувствува дека е во прогонство. Сепак, таквиот човек, иако е погоден со толку многу неволји не е без олеснување и утеха, зашто чувствува дека со носењето на крстот созрева најобилен плод. Човекот кој доброволно се наведнува под крстот, жалоста што го притискала се променува во надеж на божествената утеха. И колку повеќе телото се крши со неволјите, толку духот станува посилен преку внатрешната милост. И понекогаш толку зајакнува во љубовта кон неволјите и спротивностите, од желбата да биде сличен на Христа, што не би сакал да биде без болка и неволја; зошто верува дека толку му е помил на Бог колку што повеќе трпи за него. И тоа не е човечка заслуга, туку Христова милост, која толку моќно делува во слабото тело, што тоа со духовен жар го презема и го љуби она кое по природа му е одбивно и од кое бега. На човекот не му е пријатно да го носи крстот, да го љуби крстот, да го мачи своето тело, да ги избегнува почестите, да се презира самиот себе си и да сака од другите да биде презрен, да поднесува спротивставеност и загуби и да не сака никаква среќа на овој свет. Ако мислиш само на себе си, не ќе можеш ништо од ова. Но, ако се предадеш на Господа, ќе добиеш сила одгоре и ќе имаш моќ над светот и над телото. Нема да се плашиш ни од ѓаволот твојот непријател, ако си наоружан со верата и одбележан со крстот на Исус Христос. Значи, подготви се, како добар и верен слуга на Исусус Христос, храбро да го понесеш крстот на својот Господар, распнат од љубов кон тебе. Биди подготвен да поднесеш многу неволји и секакви маки во овој беден живот; зашто тоа те чека насекаде и тоа насекаде ќе го најдеш, на било кое место да се сокриеш. Така мора да биде и нема друг лек да избегнеш од неволјите и болките, освен трпеливо да ги поднесеш. За тоа најдобар пример ни е нашата Небесна Мајка. Нејзиниот Син страда, од сите е отфрлен го носи крстот на кој ќе биде распнат. Богродица сето тоа трпеливо го поднесува. Од самиот почеток прифати сѐ да биде по Божјата волја. Не може сега да се противи. Ако нејзиниот Син Исус не се противи и прави од љубов и доброволно за секој од нас и Богородица од љубов спрема Него сето тоа трпеливо го поднесува.

Размислуваме за средбата на Исус со својата мајка. Не е едноставно. Срцето и плаче. Нејзиното срце е исполнето со голема тага кога го гледа во толку голема срамота и мака.

Исус ни вели во срцата: Не е можно да не ги растажиш тие кои ги сакаш. Можев да ја избегнам таа средба со мојата Мајка. Знаеш ли што значи да ја видиш саканата личност. Бев празен и отфрлен од целиот народ како еретик. Мојата Мајка сето тоа го знаеше. Ја гледаше физичката и внатрешната болка и ме гледаше во очи. Тоа е крст – да погледнеш во очите на најсаканиот кога сите те исмејуваат.

Не е можно да не ги растажиш луѓето кои ги сакаш. Не можеш да ги поштедиш од тоа. Немој да го одбиваш тој крст. Ќе ме најдеш кога ќе видиш дека си ги растажил своите пријатели и тие кои те сакаат. Гледаш како твоето паѓање им носи болка. Мојата Мајка во моето паѓање сфати кој сум. Кога во неа умре и последната желба дека ќе успеам, тогаш светна нејзината вера во полн сјај.

Ќе добиеш пријател, односно мене. Прифати го тој крст и ќе ме најдеш мене и мојата Мајка.

Категорија: Размислување

За авторот

Write a Comment

<