Работникот не е потрошен материјал

Ватикан, 14.6.2013 /к.мк/ – Треба да се создадат услови за економски напредок во чие средиште ќе биде личноста, потврди архиепископот Силвано Марија Томази, постојан набљудувач на Светата Столица во ООН во Женева, говорејќи вчера на 102 заседание на Меѓународната конференција за трудот, организирана под покровителство на Меѓународната организација за труд.

Говорејќи за економската криза и нејзиното влијание во животот на младите и жените, архиепископот предупреди дека работниците треба да се сметаат како личности, а не како потрошен материјал. Проблемот на невработеноста, пред сѐ е последица на економското гледање на општеството, кое во прв план го става профитот, а ја занемарува општествената праведност, рече архиепископот, критизирајќи ги политиките што мислат само на потребите на претпријатијата занемарувајќи ги работниците. Почитувајќи го принципот на супсидијарност потребно е да се создаваат услови за економски напредок, кој ќе се темели на вработување и нов општествен договор во чиј центар ќе биде човечката личност. Осврнувајќи се на важната улога што ја има Меѓународната организација, архиепископот рече дека за обнова на трудот во светот потребна е солидарност и цврста етика.

Потсетувајќи на драматичноста од кризата, на останатите без работа во 2012 година и на слабите шанси за вработување во следните две години, архиепископот додаде дека преку работата се зацврстуваат односите помеѓу лицата, економијата и околината. Предупреди на опасноста од меѓугенерациски конфликт бидејќи на постарите лица им се продолжува работниот, век а новите генерации многу тешко се пробиваат на пазарот на трудот. Во контекст на тоа, главната улога ја има семејството кое треба да се помага и штити со политиките што го поттикнуваат учеството на жената и ја подржуваат правилната хармонија помеѓу трудот и семејството, истакна архиепископот Томази.

Зборувајќи, пак, за врската помеѓу образованието и трудот, архиепископот рече дека губењето на работата е голем психолошки товар и општествено исклучување. Искуството потврдува дека работата на семејствата им овозможува излез од сиромаштвото, каде пак недостасува работа поголема е несигурноста и послаб е човечкиот и општествениот напредок. Католичката Црква отсекогаш се интересирала за општествената димензија на трудот, затоа загрижува фактот дека во следните десет години треба да се отворат од 45 до 50 милиони работни места. Освен тоа, додаде архиепископот, не смее да се заборави дека технолошките иновации ја менуваат производната способност и можноста за отварање на нови работни места, и дека со зголемувањето на нееднаквоста слабее општественото и политичкото ткиво на нашето општество. По претставувањето на некои пофални поместувања во Азија и Латинска Америка, архиепископот повика на глобална дебата за кризата и предупреди на важноста на подршката на развојот во земјите со потешкотии како и на усвојувањето на програми кои одговараат со потребите на жените, младите и останатите ранливи групи на луѓе. (В.Н.)

Категорија: Ватикан

За авторот

Write a Comment

<