Работилница за социјално претприемништво – социјална економија

Денешниот начин на размислување на човекот е сведен само на профит, сепак, преку оваа идеја на социјално претприемништво не се става профитот во преден план туку човекот

Во организација на Македонски Каритас, а поддржано од Италијански Каритас во Скопје се одржува работилница на тема: Социјално претприемништво – Социјална економија.

Работилницата ја отвори Н.В.П. д-р Киро Стојанов, Скопски бискуп и Апостолски егзарх, а воедно и претседател на Македонски Каритас, кој на присутните Каритас претставници од Италија, Босна и Херцеговина, Србија, Црна Гора, Косово, Албанија, Бугарија и Македонија им посака топло добредојде.

На почетокот од својот говор бискупот Стојанов го изрази своето задоволство што Македонски Каритас е дел од ЕЛБА проектот преку кој што Црквата има можност да промовира и да застапува една поинаква економија – социјална економија или социјално претприемништво.

Бискупот Киро го нагласи фактот дека Католичката Црква во моментот има еден Папа кој преку целиот свој понтификат социјално загрозените ги става во преден план.

„Денешниот начин на размислување на човекот е сведен само на профит, сепак, преку оваа идеја на социјално претприемништво не се става профитот во преден план туку човекот. Преку ваквиот начин на размислување Црквата промовира една поинаква идеја, идеја на социјална еднаквост како во некое претпријатие така и во самата заедница“, нагласи бискупот Стојанов.

Исто така бискупот Стојанов ги спомна и големите социјални дејци и активни промотори во Црквата како што се Иван XXIII, Павле VI, големиот Иван Павле II – учителот на социјалната наука и Бенедикт XVI со неговата Енциклика: Caritas in veritate– Љубов во вистината. „Верата во Исус Христос нè поттикнува на социјално заземање. Така нашата вера нè храбри да бидеме човек во секое време и на секое место. Да се биде човек, значи, да бидеме способни да правиме добро, а правејќи добро ја сведочиме убавината на човечкиот соживот. Правејќи добро ја сведочиме нашата сигурност, вера и верба во Бога – Создателот“, подвлече бискупот Стојанов.

До присутните се обрати и директорот на Македонски Каритас монс. Антун Циримотиќ, кој нагласи дека Каритас мора да биде тука за сите оние во потреба без разлика на верската или националната припадност. Ова е една нова иницијатива за решавање на социјалната проблематика. Најважната новост е што овде е човекот во центар на вниманието, а во пазарната економија центар е профитот, а човекот е во служба на профитот. Важно е националните Каритаси меѓусебно да се поврзуваат и да реализираат заеднички проекти.

Работилницата, која е дел од регионалниот ЕЛБА проект ќе трае од 29.јуни до 1 јули во Скопје. Регионалниот ЕЛБА проект има за цел да понуди одржливи и социјално праведни економски решенија за потребите на ранливите групи во Југоисточна Европа, преку образовно, социјално и професионално вклучување.

к.мк/С.С.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк
Категорија: Македонија

За авторот