Прославен празникот Голема Богородица во Скопје

На празникот Голема Богородица, 15 август 2015 година во катедралата Пресвето Срце Исусово во Скопје свеченото Евхаристиско славење го предводеше Скопскиот бискуп и Апостолски егзарх во Македонија, монс. д-р Киро Стојанов.

На евхаристиското славење претходеше свечена процесија на која се носеше околу катедралата статуа на Пресвета Богородица и при тоа се пееја Богородични песни.

Покрај бискупот Стојанов на светата Миса концелебрираа скопскиот парох дон Давор Топиќ, директорот на Македонски Каритас монс. Антун Циримотиќ и бискупскиот канцелар о. Марјан Ристов.

На почетокот од мисното славење скопскиот парох дон Топиќ ги поздрави присутните, на чело со месниот бискуп монс. Стојанов, велејќи дека во оваа процесија симболички искажавме дека нашиот живот како христијани на оваа земја не е бесплоден, туку дека ова е слика на излегување кон ново небо и нова земја, чиј што знак е Црквата. Исто така рече дека заедницата за овој празник се подготвуваше со тродневница и дека веќе два дена во филијална капела свети Јосиф на Бит Пазар во Скопје многу поклоници се поклонија на Блажена Девица Марија, а во најголем број тоа беа Роми кои традиционално даоѓаат на тоа место.

Во проповедта бискупот Стојанов истакна: „Драги браќа и сестри, се радувам вечерва што сум тука меѓу вас, со своите верници, за да го прославиме заедно овој голем празник на нашата небесна мајка Марија, нејзиното вознесение на небо. Овој празник ни зборува за големината и возвишеноста на Марија и од таму доаѓа народниот назив Голема Богородица.

Ако псалмистот пее за било кој човек: Што е тоа човек, та се сеќаваш на него, или синот човечки, па го посетуваш?. Си го направил малку помал од ангелите, но со слава и чест си го венчал (Псалм 8), тогаш тоа неизмерно повеќе важи за Марија. Таа е во небесната слава дури поголема од ангелите, заслужи да биде нивна кралица.

Свети Лука ни навестува како Марија побрзала во ридскиот крај кај својата роднина Елисавета. Ова сликовито Мариино искачување кај својата роднина Елисавета која е во потреба го прераскажува целиот нејзин живот, кој бил едно големо искачување во градот Јудин, град во големиот крај, во оној небесниот Ерусалим. На тој пат Марија се искачувала до човекот, а и до Бог. Се направи неважна служителка, најмала од сите и послужителка на сите, свесна дека служи на Бог и за навестување на Божјото Слово на земјата.

Вознесението на Марија е порака до сите нас на земјата, со каква сериозност ќе го живееме својот живот и повик на земјата, со таква радост ќе ја уживаме и небесната слава. Колку ќе го сфатиме и доживееме својот повик како одговорно татковство и мајчинство, како солидарна грижа за братот човек во која нѐ носи Божјата љубов и поттикнува, толку повеќе можеме да очекуваме дека и Бог нас ќе нѐ воздигне во небесната слава над ангелите.

Примерот на Марија на тој пат постојано нека нѐ охрабрува, а нејзиното застапништво нека нѐ следи, ние како деца да уживаме заедно со неа во небесната слава, чија врата ни ја отвори Христос со своето воскресение и вознесение“ рече бискупот Стојанов.

По завршувањето на Евхаристиското славење бискупот Стојанов пред статуата на Богородица молеше литанија во чест на Пресвета Богородица, а потоа го подели својот благослов.

к.мк

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк
Категорија: Македонија

За авторот