На Велики Четврток епископот Стојанов служеше света Литургија со посвета на миро и обред на миење нозе
На Велики Четврток, 9 април 2026 година, монсињор д-р Киро Стојанов, Струмичко-скопски епарх и Скопски бискуп, служеше света Литургија со посвета на миро и обред на миење нозе во катедралната црква „Успение на Пресвета Богородица“, во сослужение со свештеници од епархијата.
За време на литургиското славење, епископот Стојанов го освети светото миро и го изврши обредот на миење нозе, следејќи го примерот на Христос од Тајната вечера. Во знак на понизност и љубов, тој им ги изми нозете на дванаесет избрани свештеници, потсетувајќи на Господовото служење на апостолите.

Во својата проповед епископот се осврна на значењето на Велики Четврток, истакнувајќи дека Христовото миење на нозете открива Бог Кој се приближува до човекот со љубов, понизност и милосрдие. Тој нагласи дека човекот не може сам да се очисти и спаси, туку е повикан со доверба да го прими Божјото делување во својот живот.
Посебно место во проповедта зазеде Светата тајна Евхаристија, во која Христос целосно ни се дарува Себеси, оставајќи ѝ на Црквата траен спомен на Својата љубов и спасоносна жртва. Епископот потсети дека Велики Четврток е ден во кој Црквата со благодарност се сеќава на востановувањето на светата Тајна Евхаристија и на светата Тајна Свештенство, како дарови преку кои Христос останува жив и присутен меѓу Својот народ.
На крајот епископот Стојанов упати честитки до свештениците, бидејќи Велики Четврток е ден на свештенството. Тој исто така упати честитки и до сестрите Евхаристинки, кои се посветени на светата Евхаристија и ги повика верниците да молат за свештениците и чесните сестри, како и за нопви духовни звања.
к.мк

