Во просториите на парохијата „Раѓање на Свети Иван Крстител“ во Струмица, во недела 18 декември 2022 година промовирана е книгата „Единствено во Бог е честа и славата„ од монс. д-р Киро Стојанов, Скопскиот бискуп и Струмичко – скопски епарх. Промотори на книгата беа Ацо Гогов, прозаист, есеист и драмтург и протојереј отец Гоце Костов, парох и директор на Радио Марија. Водител на промоцијата беше м-р Данче Ичева, а фрагменти од книгата читаше м-р Данче Стаменова, додека за музичкиот дел се погрижи Филип Костов.
Во книгата „Единствено во Бог е честа и славата“ авторот на 270 страници сместува 60 проповеди за неделните литургиски читања од визинтиски обред, при што систематски ги обработува Апостолот и Евангелието за секоја недела, следејќи ја литургиската година.
Книжевен осврт кон оваа книга даде Ацо Гогов, кој меѓу другото истакна: „Она што е посебно драгоцено е што овие проповеди нужно воспоставуваат врска со нашето современо живееење. Авторот не сака да се движи во некои сфери воопштено и апстаркатно, туку нужно за секоја одломка од Новиот завет, дали е е тоа Евангелие или послание, бара некој миг, некој момент од нашето современо живеење, кој што соодветствува со таа одломка. Таа одломка како да нѐ предупредува или како да ни укажува дека она што било некогаш одамна напишано и тоа како е актеулно и денес. (…) Овие проповеди ги доживеав како еден човечки глас, глас на брат и собеседник, кој ми се обраќа и го прави тоа на достапен и разбирлив начин, кој овозможува да доживеете мигови на мир“.
Протојереј отец Гоце Костов зборуваше за теолошката димензија на оваа книга, кој го истакна влијанието на Вториот ватикански собор за интердициплинарниот пристап во теологијата при што рече: „Токму така пристапува и епископот Стојанов во оваа книга, за која можеме слободно да кажеме дека е интердисциплинарна, затоа што поседува граѓа која е со хомилетска содржина, но со јасен предзнак и примена во пасторалната теологија, со употреба на библиска егзегеза, херменевтика, па и догматика. Следејќи го тој интердицсиплинарен пристап авторот не се обидува да стави клероцентричен и еклезиоцентричен акцент во размислувањата, туку карактеристично за неговиот карактер, акцентот го става на антролополошката димензија. Неговата теолошка рефлексија е усмерена кон човекот нудејќи одговори на основните прашања со кои се соочува верникот во секуларизираниот и дехристијанизиран свет, како што е прашањето за трансцедентноста, вечниот живот, светоста…“
Обраќајќи им се на присутните монсињор д-р Киро Стојанов, Скопски бискуп и Струмичко – скопски епарх истакна: „Пријатно е да се слушне, тоа што го истакнаа промоторите, дека во Македонија и нашето опкружување е прво дело кое се состои не само од размислувања според евангелијата, туку и според посланијата од апостолите. Сите ние како свештеници и како верници бевме навикнати да го слушаме само толкувањето на евангелското читање додека апостолското само патем спомнато во контекст на цитат. Желба ми беше толкувањата да бидат целосни и од апостолските и од евангелските читања на што благодарам на Бога и Божјата провидност за остварувањето на таа цел. Книгата и покрај тоа што ги следи неделните и празнични читања сепак не следи класнични проповеди, туку размислувања што можат да бидат актуелни во секое време а во исто време да послужат и на проповедникот да се користи со нив со извесно надополнување. Сметам дека овие размислувања ќе бидат од корист на браќата свештеници во пасторалот, а воедно и за секој верник упатен во толкувањето на Божјото слово.“
к.мк